Царински постапки
Царинската управа над стоките кои се предмет на царинска контрола ги применува следните постапки:
- транзит
- увоз
- извоз
- поедноставни постапки
- Постапки кои се применуваат во Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ)
Акцизи
Акцизите се наплаќаат посредно или непосредно за потрошувачка на територијата на Република Македонија на следните производи:
- минерални масла
- алкохол и алкохолни пијалаци
- тутунски добра
- патнички автомобили
Овие производи се подлежни на акциза со нивното производство или со нивниот увоз на акцизната територијата.
Забрани и ограничувања
Забраните и ограничувањата се мерки кои, согласно позитивните прописи, ја регулираат трговијата со стоки, со цел обезбедување на заштита на здравјето и животот на луѓето, животните и растенијата, животната средина и природата, националното стопанство и националното богатство со уметничка, историска или археолошка вредност.
Повеќе институции, согласно поодделните закони, а со цел правилно спроведување на забраните и ограничувањата, имаат надлежности да издават дозволи, одобренија или согласности за соодветната царинска постапка.
Интелектуална сопственост
Еден од приоритетите на Царинската управа е унапредувањето на институционалниот и административен капацитет за ефикасна и ефективна борба против фалсификатите и пиратеријата. Оваа цел се постигнува преку унапредување на царинска контрола за откривање и спречување на увоз, транзит и извоз на стоки што повредуваат права од интелектуална сопственост, преку зголемена соработка со носителите на право и нивните застапници во Република Македонија, како и со другите надлежни институции во земјата и во странство.
Соработка со бизнис заедницата
Царинската управа и деловната заедница го остваруваат своето партнерство преку работата на Советодавното тело – форум за меѓусебна размена на мислења, формирано во јануари 2009 година, согласно стандардите на Светската царинска организација.
Царински долг и гаранции
Царински долг е обврска на правното или физичкото лице да го плати износот на увозни или извозни давачки, како и други давачки и даноци, пропишани за предметната стока.
Со гаранција се обезбедува плаќање на царински долг кој настанал или кој би можел да настане, како и други давачки и даноци кои царинските органи се овластени да ги наплаќаат, како и камати кои настанале или би можеле да настанат во врска со давачките, а за кои гаранцијата е поднесена и прифатена.
Овластен економски оператор
Царинскиот орган може да одобри статус на „овластен економски оператор“, по претходно извршени консултации со други надлежни органи на државната управа од областа на безбедноста и финансиите, за економски оператор регистриран во царинското подрачје на Република Македонија. Овластениот економски оператор користи олеснувања во поглед на царинските контроли поврзани со безбедноста и сигурноста и поедноставувања пропишани со царинските прописи.
Тарифа, вредност и потекло
При увоз или извоз на стоки, се врши распоредување на стоките согласно Царинската тарифа со цел да се обезбеди правилна примена на царинските и другите давачки, како и мерките на трговска политика поврзани со видот на стоката.
Утврдувањето на царинската вредност на стоките претставува основа за правилна пресметка на царинските и другите давачки.
Со цел да се влијае на економијата, да се урамнотежи или да се зголеми светската трговија може да се користат одредени привилегии, преференцијали (намалување или укинување на царинските стапки) или пак мерки за заштита на домашната индустрија во зависност од потеклото на стоката. Оттука произлегува потребата за точно утврдување на потеклото на стоката кое може да се дефинира како економска националност на стоките.
Застапување во царински постапки
Со Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки се уредени условите и постапката за издавање на одобрение и лиценца за вршење на работи на застапување пред царинските органи заради спроведување на дејствија и формалности пропишани со царинските прописи, условите и постапката за полагање на стручен испит за лиценциран застапник, начинот на кој се спроведува контролата над работата на овластените царински застапници и лиценцираните застапници, како и видот на евиденциите кои се водат.