Кои се предностите?
Пред пристапот во ЕУ, економските оператори ќе имаат придобивки од системот што ќе им овозможат поефикасна работа:
- Он-лајн (електронски) пристап преку ТАРИМ системот до информациите кои претходно беа достапни како хартиени документи (во моментов достапни во прирачникот - Водич за царинење на стоки). Достапните информации ќе ги опфаќаат: царинските давачки, националниот ДДВ, националната акциза и националните нетарифни мерки, како што се ограничувањата при увоз и извоз (дозволи или одобренија);
- ТАРИМ содржи дополнителни информации што ќе ја намалат потребата од консултација со законите;
- Информациите во системот ќе бидат достапни и по истекување на нивниот рок на важење;
- Пристап до модул за пресметки – можност за пресметка на царинските и другите давачки, како и добивање информации во однос на документите (дозволи/сертификати) потребни за увоз и извоз.
Сето ова значи побрз, полесен и потранспарентен пристап до информации за економските оператори, како и добивање на поефикасна услуга, што ќе има позитивно влијание врз секојдневната работа.
По пристапување во ЕУ, унифицираната примена на царинските мерки од страна на сите земји - членки на ЕУ ќе овозможи:
- Интегрирани податоци – поголема транспарентност и поразбирливи информации;
- Централизирано распределување на квоти – еднаков третман за сите земји членки на ЕУ;
- Централизирано одржување и проверка на системот од страна на ЕУ;
- Достапност за консултација на постари информации на ЕУ;
- Поголема ефикасност во севкупното царинско работење;
- Поголема стручност и поквалитетна услуга од страна на царинските службеници;
- Заштита на економијата (на пример, преку употреба на анти-дампинг мерки);
- Надгледување на увозот и извозот преку Системот за надзор.
Горенаведеното ќе овозможи заштеди за економските оператори и Царинската управа, во однос на следното:
- Електронска објава на интегрираните тарифни информации;
- Администрација и одржување на точни и ажурирани податоци;
- Автоматска валидација на тарифните ознаки и други податоци;
- Автоматско пресметување на царински давачки;
- Унифицирана и доследна примена на регулативите.