Кои сме ние

Царинската управа своите надлежности ги спроведува на целата територија на Република Македонија, а седиштето е во Скопје.

Царинската управа на Република Македонија, како орган во состав на Министерството за финансии со статус на посебно правно лице, се институционализираше на 14 април 1992 година, со донесувањето на Законот за Царинската управа, добивајќи непосредно овластување да ги спроведува законите и другите прописи на Република Македонија во областа на царините и овој ден – 14 април секоја година се одбележува како „Ден на Царината“.

Царинската управа своите надлежности ги спроведува на целата територија на Република Македонија, а работите од својот домен ги извршува преку Централната управа и пет царинарници. Централната управа, чие седиште е во Скопје, координира и раководи со царинските надлежности на целата територија на Република Македонија, а царинарниците координираат и раководат со соодветен реон.

Царинската управа и нејзините вработени при извршувањето на своите надлежности постапуваат согласно Законот за Царинската управа, Царинскиот закон, Законот за Царинска тарифа, Законот за акцизите, Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост, Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки и други закони во кои се пропишани надлежности за постапување на Царинската управа.

Основни надлежности на Царинската управа се:

  • Спроведување на царински надзор, царинење на стока, царинска контрола, спроведување на акцизен надзор на целата територија на Република Македонија, истражни и разузнавачки мерки со цел спречување, откривање и истражување на царински прекршоци и кривични дела;
  • Заштита на сигурноста и безбедноста на луѓето, животните и растенијата, заштита на предмети со историска, уметничка и археолошка вредност, авторски и други права, како и други мерки на трговската политика пропишани со закон;
  • Спроведување на царински контроли по царинењето;
  • Спроведување на внатрешни контроли и ревизии во сите сфери на царинското работење и целокупното функционирање на Царинската управа, со цел откривање на случаи на непочитување на законите и интерните акти и злоупотреби при вршењето на службените должности од страна на вработените;
  • Водење на прекршочна постапка, изрекување на прекршочна санкција за сторен царински, акцизен и девизен прекршок, како и поведување на постапка по кривични дела утврдени со закон.

Царинската управа и нејзините вработени при извршувањето на своите надлежности бескомпромисно постапуваат согласно Уставот, законите, ратификуваните меѓународни договори и другите прописи донесени врз основа на законот и обезбедуваат нивна еднаква, непристрасна, објективна примена и се раководат според следните начела и вредности: професионалност, праведност, едноставност, ефикасност, транспарентност, борба против корупција, лидерство, општествена одговорност, грижа за човечките капацитети и управување согласно меѓународните стандарди за квалитет.

Царинската управа е единствен надлежен орган за администрирање на акцизите на целата територија на државата. Царинската управа е надлежна и за спроведување на контроли на иматели на акцизни дозволи и акцизни одобренија, како и учесниците во трговските операции кои вклучуваат промет со акцизни добра – минерални масла, алкохол и алкохолни пијалаци, тутунски добра и патнички автомобили.

 

Визија

Да останеме модел на современ и најдобар сервис на граѓаните, економските оператори и државата, согласно домашните и меѓународно признаените најдобри практики и да останеме водечка институција во процесот на пристапување кон Европската царинска унија.

 

Мисија

Да ги зачуваме финансиските интереси на Република Македонија, да го заштитиме здравјето и животот на луѓето, да одржиме конкурентен економски амбиент, да ги реализираме економските политики на Владата на Република Македонија и да ги поддржиме активностите за започнувањето на предпристапни преговори за членство во Европската унија.