vesti

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија еден обид за криумчарење дрога и повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, облека, делови за товарни возила, свежа риба, школски прибор и делови за водоводни инсталации и бањи.

 Задржана е следната стока:

Марихуана

На скопскиот аеродром Александар Велики е спречен обид за криумчарење марихуана. При контрола на багажот на француски државјанин кој допатувал со лет од Рим, во рачна ташна била пронајдена една рачно завиткана цигара наполнета со непозната тревкаста материја со кафеава боја, а во внатрешен џеб од машка јакна сместена во куферот на патникот е пронајдена проѕирна зипер кеса со непозната материја, со темно кафена боја, во форма на плочка. По извршеното вештачење од страна Министерството за внатрешни работи утврдено е дека растителниот материјал од цигарата претставува тутун помешан со марихуана, со вкупна маса од 0,88 грама, додека смолестата материја во форма на плочка исто така претставува  марихуана со вкупна маса од 9,02 грама.

Инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, по документирање на целиот случај и по прибирањето на сите материјални докази, поднесоа кривична пријава до ОЈО Скопје против осомничениот поради основано сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекрусори“. Основниот суд Скопје 1 - Скопје донесе пресуда врз основа на спогодба со која обвинетиот го огласи за виновен и го казни со условна осуда, а воедно му беше изречена и мерка безбедност одземање на марихуаната и протерување на странец во траење од 5 години.

Девизи

8.000 евра, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на германски автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. На прашање на царинските службеници, возачот пријавил дека носи само лични работи, но при контрола на возилото, во фабричка преграда што се наоѓа меѓу предните седишта, била пронајдена платнена кеса со 18.000 евра. Согласно законските прописи, на возачот му биле вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а 8.000 евра биле привремено задржани. За сторениот прекршок против возачот е поведена прекршочна постапка.

6.000 евра, откриени при личен претрес на двајца македонски државјани, кои со македонски автомобил се пријавиле за излез од државата на граничниот премин Богородица. На прашање на царинските службеници, патниците одговориле дека одат на свадба и немаат што да пријават за царинска контрола. При извршената контрола, во рачна ташна на сопатникот, во паричник, биле пронајдени 2.000 евра, а во странична преграда од ташната, биле пронајдени уште 6.000 евра, завиткани во женска чорапа. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 6.000 евра се привремено задржани. Против патникот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Облека

32 крзнени јакни и наметки, откриени при контрола на романски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи со вкупна вредност од околу 110 илјади денари, пронајдени во три патни куфери, сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

80 парчиња облека (фустани и здолништа), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Деве Баир, се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи, сопственост на сопатникот во возилото, се пронајдени под патосниците, позади задните седишта и во багажникот, во просторот за резервна гума. Истите се привремено задржани а против патникот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

 

Делови за товарни возила

6 делови за кочници за товарно возило маркаDAF, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените делови, пронајдени под и зад предните седишта на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

1 употребувана комон-реил пумпа, марка BOSCH, за товарно возило МАN, откриена на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот на македонски државјанин кој допатувал со лет од Малме. Непријавениот производ е привремено задржан а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Свежа риба

15 килограми свежа риба, откриени при контрола на албански автомобил, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ќафасан. Непријавените риби, пронајдени во седум најлонски кеси, сместени зад задното седиште, се привремено здржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

 

Останато

1.326 парчиња школски прибор (школски ранци, моливи, пенкала и блокови за цртање),откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко возилосо скопски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, извршена на патниот правец Велес – Скопје, после патарината во близина на Велес. Производите за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки, се пронајдени во багажникот на возилото. Истите се привремено задржани а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

492 разни производи за водоводни инсталации и бањи (црева, колена, навои, сливници, туш-батерии и делови за казанчиња за тоалет), откриени при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Богородица, се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените производи, сопственост на сопатникот во возилото, се пронајдени во внатрешноста на голема перница сместена на задното седиште, во багажникот покриени со стара облека и во просторот за резервна гума. Истите се привремено задржани, а против сопственикот ќе биде поведена соодветна постапка.