vesti

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија две измами, повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, облека, очила со диоптер, козметички производи и техничка стока.

 Задржана е следната стока:

 

Девизи

12.000 швајцарски франци и 2.000 евра, откриени при личен претрес на косовски државјанин, кој управувајќи шведски автомобил се пријавил за излез од државата на граничниот премин Блаце. Во внатрешен џеб од јакната на возачот биле пронајдени 22.960 швајцарски франци и 2.000 евра, за кои не поседувал документ за потекло или потврда за пријавени готови пари издадена од страна на царинските органи, при влез во Република Македонија. Согласно законските прописи, на возачот му биле вратени 10.960 швајцарски франци, противвредност на 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата. За сторениот прекршок против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

1.700 евра, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на македонска државјанка, која имала намера да одпатува со лет за Франкфурт, Германија. Во рачната ташна на патничката, во паричник, биле пронајдени 3.700 евра за кои не поседувала документ за потекло. Согласно законските прописи, на патничката и биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 1.700 евра биле привремено задржани. За сторениот прекршок против патничката ќе биде поведена прекршочна постапка.

 

Семки од марихуана

На царинската испостава Аеродром Александар Велики-отсек за стоково царинење, при контрола на пратка со опис на стока „Toys“ испратена од Англија, наменета за физичко лице од Скопје, царинските службеници откриле  6 семки од марихуана и 1 ЦД. Случајот е предаден на Секторот за контрола и истраги при Царинската управа за понатамошна постапка.

 

Облека, модни додатоци и козметика

145 женски и машки маици, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените маици, пронајдени во три картонски кутии сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.  

163 пакувања со козметички производи Golde nRose (пудри, креми, сенки за очи, сјај и кармин за усни и друго), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото, покриени со јакна и кеса со облека, се привремено задржани а против возачот е поведена прекршочна постапка.

47 пара очила со диоптер, откриени при контрола на грчки автомобил, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. На прашање на царинските службеници, возачот изјавил дека патува до Битола и нема што да пријави за царинска контрола, но при извршениот детален преглед на возилото, во 4 кутии скриени под ќебиња и душеци во багажниот простор, биле пронајдени очилата. Непријавените очила се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

 

Техничка стока

20 склопки SCHNEIDER A9D56616  и 13 пакувања кабли за мрежно поврзување, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот на ирски државјанин која допатувал со лет од Лондон. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

19 разни делови за индустриски машини (енкодер, серво мотори, сензори, ножеви, ремени и други делови за преса за сечење), откриени при контрола на косовски автомобил, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во три картонски кутии сокриени во простор меѓу задното седиште и багажникот, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

 

Измами

Во царинската испостава Гевгелија се откриени два обиди за избегнување плаќање увозни давачки со погрешно распоредување на стоката според царинска тарифа.

Во двата случаи, увозник од Скопје, со две царински декларации, едната во мај а другата во јули 2016 година, пријавил за увозно царинење ортопедски помагала, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%.

Во вториот случај биле земени мостри од производите и испратени на анализа во Царинската лабораторија, од каде се добиени резултати врз основа на кои е утврдено дека производите треба да се распоредат во сосема друга тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 17,5% и стапка за ДДВ од 18%.

Врз основа на новоутврдената состојба, во двата случаи се пресметани дополнителни увозни давачки, во првиот случај во износ од околу 383 илјади денари а во вториот случај во износ од околу 226 илјади денари. Покрај тоа царинска испостава Гевгелија изготви Записник за распоредување на стоката според царинската тарифа и спроведе прекршочна постапка со мандатна казна против увозникот.