Танасоски: Остануваме посветени на имплементација на стандардите на Светската царинска организација и создавање подобри услови во царинското работење и прекуграничната трговија 

Скопје, 22.10.2019 – Денеска, во организација на Царинската управа на Република Северна Македонија, започна тридневната конференција ПИКАРД на Светската царинска управа. Конференцијата ја отвори Претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев кој во своето излагање истакна дека Владата одлучи да се движи напред во соработка со соседите и со сите земји. Ги прифати придобивките од слободната трговија и наместо преземање контрола, Владата го поддржува ставот дека меѓународната инлклузивност е многу посилна отколку стоењето настрана. Премиерот посочи и дека модернизацијата на Царинската управа, треба да придонесе кон развој на надворешно трговското опкружување. Тој најави дека од 1 јануари 2020 година извозното работење треба целосно да се одвива без хартија, а заедничките царински контроли со Србија и наскоро со Албанија, според него, ќе придонесат кон уште поголемо интегрирање на македонската економија.

„Во изминативе три години успеавме да финализираме неколку крупни проекти од различни области, што доведоа до огромен напредок и модернизација во царинското работење. Резултатите кои ги постигнавме се показател дека со голем ентузијазам, посветеност и доверба во сопствените капацитети се постигнуваат зацртаните цели и поставените приоритети. Царинската управа заедно со Министерството за финансии и Владата на Република Северна Македонија и понатаму остануваат целосно посветени на прифаќање и примена на инструментите и стандардите на Светската царинска организација во насока на создавање на подобри услови за царинското работење и прекуграничната трговија“, истакна, во своето обраќање, Директорот на Царинска управа, Ѓоко Танасоски. 

Најзначајно достигнување на Царинската управа на Република Северна Македонија е дигитализацијата, со која се создадоа услови за бесхартиено царинско работење. Воведен е и концептот на Овластен економски оператор (ОЕО), со што се обезбедува законска основа за меѓународно прифаќање и признавање на ОЕО на регионално ниво.  На граничниот премин Табановце-Прешево со Србија беше воспосавен заеднички граничен премин ONESTOPSHOP, со што значително се намали времето и трошоците за спроведување на граничните формалности. 

На денешното отворање на конференцијата поздравни говори имаа и Генералниот секретар на Светска царинската организација Кунио Микурија и Ана Чо - Директорот на Корејската царинска служба.

Важно е Царинската управа, креаторите на политики и истражувачите да се соберат тука и да разговараат за иднината на царината, применувањето на технологија во оваа област со цел да се подобрат бизнис условите, но и да се заштити општеството. Со таа цел, ќе бидат дискутирани е-трговијата, односно користењето податоци во приватниот сектор и анализањето на податоците за работата на Царината со цел да се поддржи отвореноста на земјата и нејзината интеграција во глобалниот систем на царина и размена, посочи Кунио Микурија, Генералниот секретар на Светска царинската организација.

Ана Чо, Директорот на Корејската царинска служба упати искрени честитки за организацијата на 14-та ПИКАРД конференција на Светска царинска организација, во Република Северна Македонија, земјата на Мајка Тереза. Таа истакна и дека во денешно време царинските органи треба да одговорат на сложеното трговско опкружување предизвикано од зголемувањето на трговијата меѓу мултинационалните корпорации, а меѓу другото и на напливот на прекугранични трансакции преку е-трговија. Сепак, ваквите и други тешкотии не можат да ги решава секоја земја одделно. Затоа на оваа  конференција, ќе има презентации и дискусии за теми како што се анализа на податоци, прекугранична е-трговија, соработка и координација на границите, што се од основен интерес на царините.

ПИКАРД претставува партнерство во царински истражување и развој, што на едно место ги обединува царинските администрации и универзитети од целиот свет. Годинешната 14-та конференцијата е на тема „Паметни граници за непречена трговија, патување и транспорт“, а се одржува во хотел „Хилтон“ од 22 до 24.10.2019. Организатор на конференцијата е Царинската управа на Република Северна Македонија, во соработка со Економскиот факултет при Универзитетот Свети Кирил и Методиј, а со поддршка од Светската царинска организација и Царината на Кореа. На неа присуствуваат околу 150 претставници од 60 земји од светот, претставници на царински управи, Светската банка, Европската комисија, академската заедница, како и тинк-тенкови и претставници на приватниот сектор.

 

20191022_103726
22102019_PVRSM_Zaev_foto_Svetska konferencija na carinskite upravi_1
22102019_PVRSM_Zaev_foto_Svetska konferencija na carinskite upravi_2
22102019_PVRSM_Zaev_foto_Svetska konferencija na carinskite upravi_3
22102019_PVRSM_Zaev_foto_Svetska konferencija na carinskite upravi_4
22102019_PVRSM_Zaev_foto_Svetska konferencija na carinskite upravi_5
22102019_PVRSM_Zaev_foto_Svetska konferencija na carinskite upravi_6
Previous Next Play Pause
1 2 3 4 5 6 7