Царинската управа во соработка со Министерството за финансии подготви Предлог закон за данок на моторни возила кој се очекува да придонесe за зголемување на уделот на возила кои се енергетски ефикасни и кои нема да придонесуваат кон зголемено загадување на животната средина.

Во Република Северна Македонија минатата година беа увезени 37.000 возила. Од нив 88% биле стари употребувани возила со просечна старост од над 10 години, при што од оваа категорија речиси 90% биле дизел возила.

Ова беше истакнато на вчерашната средба на претставници на Царинската управа со присутните генарални застапници и импортери на нови возила во земјава на која беа запознаени со предложените законски одредби и бенефитите кои од нив ќе ги имаат граѓаните и општеството. Притоа, беше посочено дека станува збор за прв закон со кој се излегува од фискалниот аспект и приоритет добива еколошкиот аспект. Вкупниот приход од данокот на возила, во споредба со приходот остварен од наплатата на сегашната акциза од патничките автомобили, се очекува да остане во истите рамки.

Предлог Законот за данок на моторни возила кој ќе ја замени досегашната “акциза“ која се плаќа на возилата, со данок на моторни возила, подетално ги дефинира моторните возила кои се предмет на даночење и возилата кои не се предмет на даночење, како и категориите на возила кои се ослободуваат од плаќање данок на моторни возила, па така електричните возила се изземени од обврската за плаќање данок на моторни возила. За да се стимулира замена на возниот парк во делот на бизнисот, доставните возила од типот “van” и комби возилата кои се наменети за превоз на стоки се изземени од плаќање на данок на моторни возила. Патничките комби возила за превоз на 8 или 9 патници, амбулантните возила,  возилата за превоз на починати лица, кампер возилата и т.н “олд тајмер“ возилата исто така се изземени од обврската за плаќање данок или е предвиден поврат на дел од платен данок за моторни возила. Данокот на моторни возила генерално ќе се наплаќа како и досега при увоз.

При изработка на Предлог законот за данок на моторни возила, користена е методологија за пресметка на данокот изработена од експерти од областа, при што освен цената на возилото при увоз, ќе се зема предвид и износот на емисијата на јаглерод диоксид - CO2. Согласно препораките и добрата пракса во повеќето земји на ЕУ, воведени се нови категории возила кои се предмет на даночење, мотоцикли и скутери со зафатнина над 50 см3, четирицикли или “ATV” возила, “pick-up” возила кои ќе се даночат имајќи го предвид и нивото на емисија изразено преку Euro норма.

Импортерите на нови возила го поздравија новиот Предлог закон и во дискусијата се разјаснија одредени дилеми, особено во однос на данокот на хибридните возила. Препораките кои беа упатени за време на средбата ќе бидат дополнително разгледани од страна на Царинската управа и Министерството за финансии при финализирањето на законот.

   

sostanok zakon za vozila 2