Во текот на минатите две недели, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење на разна стока, при што привремено се задржани алати, делови за врати, делови за машини за кафе, козметички средства, девизи, школски прибор, медицински апарат, цигари, тутун, фалсификати и друго.

Привремено се задржани:

Девизи

- 21.700 американски долари, откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при личен претрес и контрола на багажот на двајца кинески државјани кои допатувале со лет од Истанбул. При личен претрес на едниот патник, кој изјавил дека носи 10.000 американски долари, биле пронајдени 18.000 американски долари, а во патната торба на неговата сопатничка биле пронајдени 25.400 американски долари и 800 евра. Согласно законските прописи, на двајцата патници им биле вратени девизни средства во противвредност на 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, додека 6.700 американски долари од патникот и 15.000 американски долари од неговата сопатничка биле привремено задржани. За сторените прекршоци против патниците ќе бидат поведени прекршочни постапки. 

Цигари и тутун

- 13 штеки цигари Winston Bllue и Muratti и 1 килограм тутун за пушење Old Holborn (4 пакувања од 250 грама), откриени при контрола на грчки камион управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Дојран. Непријавените цигари и тутун, пронајдени во кабината  под совозачкото седиште и позади возачкото седиште, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Медицински апарат

- 1 ехо-апарат за проценка на состојба на фетус, марка BIONET FC 700 fetalmonitor, откриен при контрола на македонски автобус, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавениот апарат, за кој е потребна дозвола за увоз, бил пронајден во картонска кутија сместена во багажниот простор на автобусот. Истиот е привремено задржан, а против сопственикот на апаратот, македонски државјанин кој патувал со автобусот, е поведена соодветна постапка.

Алат и делови за врати и машини за кафе 

- 428 разни производи (електричен алат, светилки, хидраулични дигалки, детски базени, полначи за мобилни, батерии, облека и друго), 135 метри црево за вода и 140 метри продолжен кабел, откриени при контрола на бугарско товарно комбе и приколка за чамец со шведски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Возилото било натоварено со разна употребувана стока и употребуван чамец со опрема, за што биле приложени документи за транзит, но поради сомневање дека декларираната стока не одговара на тежината на стоката во возилото, царинските службеници извршоле детална контрола при што била пронајдена непријавената стока. Непријавените производи се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

- 17 килограми разни делови за машини за кафе, 25 килограми средства за чистење на машини за кафе и 7 алати и делови за алати, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови. 

Во првиот случај, при контрола на македонски автобус кој сообраќал на релација Витербо, Италија – Тетово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, во две картонски кутии сместени во багажниот простор на автобусот, биле пронајдени 17 килограми разни делови за машини за кафе и 25 килограми средства за чистење на машини за кафе. Непријавените производи  се привремено задржани, а против возачот, македонски државјанин, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Во вториот случај, полициски службеници од ЕПОИ-Алфа откриле 2 ударни бормашини, 2 црева за бормашина, 1 штрафилица, 1 мазалица и 1  пиштол со црево за нафта, за кои не биле платени увозни давачки. При вршење на патрола на паркинг просторот под железничката станица Скопје, полициските службеници забележале две лица како пренесуваат кутии од косовски автобус во македонски автомобил. Од разговорот со возачот на автобусот, косовски државјанин, било утвредено дека истиот ги пренел производите преку граничниот премин Блаце без да ги пријави и без да плати увозни давачки за истите. Непријавените производи биле предадени на мобилните царински тимови, кои привремено ги задржале, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

- 300 пара метални рачки за врати, откриени при контрола на македонски камион, натоварен со врати и каси за врати, наменети за фирма од Куманово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица.  Непријавените производи биле пронајдени во преградите  и позади возачкото седиште во кабината на возилото, како и во сандакот за алат на приколката. Истите се привремено задржани, а против возачот, македонски државјанин, ќе биде поведена соодветна постапка. 

Школски прибор

- 1.049 училишни ранци, 1.272 несесери за школски прибор, 176.700 пенкала, 576 играчки-колички, 600 комплети креди за пишување и 6 колички за пазарување, откриени од страна на мобилните царински тимови во соработка со инспектори од Одделението за истраги, при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Тетово, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија. Производите, кои не биле опфатени со царинските документи, се привремено задржани, а против увозникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка

Облека, ташни, обувки и козметички средства

- 246 парчиња облека и 11 ташни, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови, при контрола на два македонски автомобили, управувани од македонски државјани, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица.  

Во првиот случај, во четири најлонски кеси сместени во багажникот на возилото, биле пронајдени 161 парчиња текстилни производи (женски и детски костими за капење и машки шорцеви) и 11 ташни за плажа.

Во вториот случај, под предните седишта и во две торби сместени во багажникот на возилото биле пронајдени 85 парчиња облека (фустани, блузи и панталони).

Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани, а против возачите ќе бидат поднесени барања за поведување прекршочни постапки.

- 64 парчиња облека (панталони, тренерки, маици и чорапи) и 3 пара патики, откриени при контрола на македонски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Непријавените производи, пронајдени во багажникот под резервната гума и во патни торби завиткани во стара облека, под задното седиште и во преградите од вратите, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

- 17 тоалетни води L’Occitane Pivoine Flora и Bruno Banani, 9 креми L’Occitane и 19 пудри Esteе lauder, Clinique и Matchmaster, откриени на Интернационалниот Аеродром Скопје, при контрола на багажот на германски државјанин кој допатувал со лет од Нирнберг. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

- 340 безжични звучници, 200 слушалки и 2.430 налепници со лого на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови во соработка со царински инспектори од Одделението за истраги, при контрола на разна стока со потекло од Кина, наменета за фирма увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија. Поради сомневање дека се работи за производи кои повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и, согласно законските прописи, ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.

Alat, mobilna
Alat, mobilna
Alat, Tabanovce
Alat, Tabanovce
Cigari i tutun,Dojran
Cigari i tutun,Dojran
Delovi za masini za kafe, mobilna
Delovi za masini za kafe, mobilna
Devizi,Aerodrom SK
Devizi,Aerodrom SK
Eho-aparat, Tabanovce
Eho-aparat, Tabanovce
Kozmeticki sredstva, Aerodrom SK
Kozmeticki sredstva, Aerodrom SK
Obleka 2, mobilna
Obleka 2, mobilna
Obleka, mobilna
Obleka, mobilna
Obleka, Novo Selo
Obleka, Novo Selo
Racki za vrati, Bogorodica
Racki za vrati, Bogorodica
Shkolski pribor,mobilna
Shkolski pribor,mobilna
Previous Next Play Pause
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12