Ве информираме дека од 01.06.2019 година започнува со оперативна примена новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД) во делот на извозните царински постапки. 

СОЦДАД системот е автоматски поврзан со системот за Интегрирана тарифна околина (ИТО) во кој се администрираат тарифните ознаки, тарифните и нетарифни мерки и пресметка на царинските и други давачки по тарифни ознаки во постапките на увоз или извоз. Дополнително СОЦДАД и ИТО системите имаат интерфејси за комуникација со EXIM системот. На овој начин, со почетокот на оперативна примена на новиот СОЦДАД, на 1 јуни 2019 година, ќе започне и автоматско управување (раздолжување) на одобрените количини во дозволите опфатени во EXIM системот, со количините декларирани во електронската царинска декларација во СОЦДАД, во која економските оператори се референцираат на соодвената дозвола издадена во EXIM системот.

За правилна примена на оваа функционалност, на 31 мај 2019, потребно е во целост да се применуваат правилата за пополнување на податоците во барањата за дозволи во EXIM, односно податоците кои се предмет на проверка, валидација и раздолжување (означени со * во електронската форма на барањето за дозвола), треба во целост да соодветствуваат со податоците внесени во електронската царинска декларација, поднесена во СОЦДАД системот, за соодветната пратка. Во спротивно, СОЦДАД системот ќе ја одбие поднесената декларација во системот.

Истовремено, Ве информираме дека за да се овозможи новата функционалност за автоматското управување со количините, на 31 мај 2019 година, сите извозни дозволи во EXIM, кои имаат тековен статус ,,делумно искористено” со системска процедура ќе добијат статус ,,изминат рок” и истите нема да можат повеќе да се користат при спроведување на царинската постапка. Економските оператори, кои имаат такви дозволи, до соодветната институција, ќе треба да поднесат ново барање за дозвола.

За подетални информации и консултации можете да се обратите на контакт лицата од институциите на следниот линк:

http://exim.gov.mk/EILWeb/startPageHelpDesk.jsf