Денес, 01.04.2019 година, започна дводневната регионална конференција на тема „Зајакнување на капацитетите на Координативните центри за интегрирано гранично управување“ во организација на ОБСЕ и на Националниот координативен центар за гранично управување на Република Северна Македонија. Поздравно обраќање имаше Директорот на Царинската управа м-р Ѓоко Танасоски. На отворањето на конференцијата се обратија и  Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.

Учесници на Конференцијата се претставници на граничните и царинските управи од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Романија и Турција кои ќе ги споделат најдобрите меѓународни практики за спречување на организираниот криминал и корупција.

Во своето обраќање, директорот Танасоски истакна дека Царинската управа, го поддржува концептот на Интегрираното гранично управување, бидејќи овој концепт се заснова на постигнување на вистинска рамнотежа помеѓу олеснувањето на легалните движења на трговија и патници преку границите од една, и контрола на границите со цел да се идентификува и спречи прекуграничниот криминал од друга страна. Како краен резултат, со Интегрираното гранично управување треба да се постигне полесно и непречено преминување на границата за патниците и затоа Царинската управа инвестира и прави напори за унапредување на соработката со сите институции вклучени во управувањето со границите.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев посочи дека од особено значење е присуството на претставниците на највисоките оперативни структури од земјите учеснички на конференцијата чија должност е превенирање, откривање и докажување на кривичните дела од организираниот криминал, корупцијата и илегалната миграција, трговија со оружје, шверцот на дрога и трговијата со луѓе. Како и тоа дека, од конференцијата се очекува  владите на земјите од регионот да ги добијат најдобрите насоки и препораки од размената на искуствата помеѓу присутните оперативни структури, со што во иднина сите земји би имале придобивки за побезбедни граници 

Амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, истакна дека ваквите настани се од големо значење поради размената на искуствата и најдобрите практики за интегрирано гранично работење и одржување на безбедноста на границите како и подобрување на граничните услуги.

 

DSC_8921
DSC_8921
DSC_9009
DSC_9009
DSC_9110
DSC_9110
Previous Next Play Pause
1 2 3