Олеснувањето на административните царински процедури и убрзувањето на прекуграничниот транспорт на стоки се само некои од придобивките од воведувањето на концептот на Овластен економски оператор, заклучија вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, на денешната четврта по ред работилница, каде што пред бизнис заедницата е претставен концептот кој за првпат се воведува во Република Македонија.

Воведувањето на Овластен економски оператор како концепт е дел од активностите кои Владата ги реализира во рамките на „Берлинскиот процес“, за интензивирање на економската соработка на земјите од регионот на Западен Балкан, како и за повисоко ниво на соработка на земјите членки на ЦЕФТА, но и како подготовка за пристапување кон европскиот пазар.

„Овластениот економски оператор е титулар кој една компанија треба да го поседува за да има олеснети царински процедури, не само во Македонија, туку и во регионот. Практично, доколку една извозно ориентирана компанија се стекне со назив Овластен економски оператор, во тој случај производите директно од фабрика, со олеснети процедури, побрзо ќе транзитираат во земјите кои се опфатени со Берлинскиот процес. Сметам дека процесот на олеснување на административните процедури е комплементарен процес со изградбата на инфраструктурата во земјата, затоа што нема да ги постигнеме посакуваните ефекти, ако со изградба на квалитетни патишта и железница се скуси патувањето на робата за 20-ина минути, а потоа на граничните премини производите стојат повеќе часови. Извозните компании треба да го препознаат овој концепт како можност за подигнување на сопствената конкурентност на меѓународните пазари “, потенцира Анѓушев.

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски на настанот ги промовираше новините во царинското законодавство и олеснувањето и забрзување на царинските постапки.

„Кога зборуваме за новините во царинското работење би сакал да Ве информирам дека неодамна Царинската управа го прифати новиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД), кој ќе ја замени досегашната АСИКУДА. Значајна новина која воведуваме со овој систем е замената на царинските постапки што се базираат на хартија со електронски постапки. Исто така, со овој систем ќе обезбедиме намалени трошоци за трговските трансакции, олеснето спроведување на договорите за слободна трговија, подобро управување и контрола. Друга новина во царинското работење е воведувањето на концептот Овластен економски оператор во Република Македонија и истиот има огромна улога во идното царинско опкружување. Без никаков сомнеж, можам да кажам дека ОЕО е токму тој „плус“, таа „додадена вредност“, што ја прави меѓународната трговија побезбедна, побрза, поефикасна. Токму во тој контекст, Царинската управа силно ќе го промовира развојот на ОЕО и на тој начин ќе придонесува за вклучување на македонските компании во глобалниот синџир на снабдување и зголемување на извозот. Царинењето на стоките во прекуграничната трговија е од исклучителна важност за подобрување на конкурентноста, како на извозниците, така на увозниците“, нагласи Танасоски.

 

 
 
IMG_0187
IMG_0190
IMG_0191
IMG_0163
IMG_0181
Previous Next Play Pause
1 2 3 4 5