Во рамки на проектот „Поддршка за олеснување на трговијата меѓу ЦЕФТА страните“, денес (19 септември 2018 година) во Скопје, се одржа  воведен состанок од Пилот проектот за взаемно признавање на статусот Овластен економски оператор (ОЕО) на Република Македонија, поддржан од Германското друштво  за меѓународна соработка (ГИЗ).

Царинската управа на Република Македонија ја има честа да учествува во пилот проектот за взаемно признавање на одобренијата за ОЕО во рамките на ЦЕФТА регионот заедно со царинските администрации на Република Србија и Република Молдова. Активностите на проектот за Царинската управа на Република Македонија ќе се одвиваат до 21 септември  2018 година и опфаќаат анализа на националното законодавство поврзано со статусот ОЕО, организациска поставеност на Царинската управа и постојните процедури за издавање и надзор на издадените одобренија. На воведниот состанок присуствуваа високи претставници на ЦЕФТА и DG TAXUD, односно г-дин Емир Џикич - директор на ЦЕФТА Секретаријатот, како и г-дин  Марсел Нeгерс - преставник на DG TAXUD (Генерален директорат за царина и оданочување на Европската Комисија).  

На настанот се обрати директорот на Царинска управа г-дин Ѓоко Танасоски, кој истакна дека учеството во овој пилот проект е резултат на бројните подготвителни активности и работилници во изминатиот период, во кои учествуваше Царинската управа на Република Македонија. Имено, на првата работилница одржана во ноември 2017 година во Белград, договорени беа почетоците за спроведување на проектот. Потоа, во Тирана во март 2018 година поставени беа предуслови за успешен пилот проект, а во Будва во јули 2018 година, веќе беа договорени конкретни чекори и се одбраа ЦЕФТА страните - учесници во пилот проектот.

Преку овој пилот-проект, што директно е мониториран од страна на претставници на Европската Унија, се очекува дополнително да се развие и унапреди концептот Овластен економски оператор што е највисок приоритет во спроведувањето на Повеќегодишниот акциски план за Регионална економска интеграција на Западен Балкан и основа за потпишување на договор за взаемно признавање на одобрените статуси во ЦЕФТА страните. 

 

Image-1 (1)
Image-1 (1)
Image-1
Image-1
Previous Next Play Pause
1 2