Во Службен весник на Република Македонија број 84 од 09.05.2018 година е објавен Законот за ратификација на измената на Протоколот 2 кон Договорот за слободна трговија помеѓу Република Македонија и Република Турција, изменет со Одлуката број 1/2018 на Мешовитиот комитет, воспоставен со Договорот за слободна трговија помеѓу Република Македонија и Република Турција.

Министерството за надворешни работи во Службен весник на Република Македонија број 129 од 12.07.2018 година објави дека Одлуката број 1/2018 на Мешовитиот комитет воспоставен со Договорот за слободна трговија помеѓу Република Македонија и Република Турција, потпишана во Анкара на 30 јануари 2018 година и ратификувана од двете страни, стапува во сила на 1 август 2018 година.

Ова значи дека за извоз во Турција од 1 август 2018 година се применува Регионалната конвенција за Паневромедитерански преференцијални правила за потекло, објавена во Службен весник на Република Македонија број 66/2012 година.

Република Македонија ја извести Европската комисија за да изврши измена на последната Објава на Комисијата која се однесува на примената на Регионалната конвенција за Паневромедитеранските преференцијални правила за потекло или на протоколите за правила за потекло кои овозможуваат дијагонална кумулација помеѓу договорните страни на Конвенцијата (Службен весник на ЕУ серија Ц 73 од 09.03.2017 година). 

По добивање на известување од Европската комисија за примена на дијагонална кумулација со останати земји, Регионалната конвенција ќе може да се применува и со тие земји со кои тоа ќе биде наведено и тоа известување дополнително ќе биде објавено.