Претставници на Царинската управа учествуваат на  дводневна работилница на која се презентира Национален едношалтерски систем. Работилницата е организирана од страна на Светска банка и се одржува во период од 05-06 јули 2018 година во Скопје.

Настанот е вовед во активностите што следат за развој и воведување на Национален едношалтерски систем и има за цел да го помогне процесот на донесување на одлуки кај учесниците во олеснувањето на трговијата. На работилницата се презентира концептот на едношалтерското работење и како се усогласуваат информациите што треба да се достапни за јавноста, податоците и законските прописи и како да се достигне повисоко ниво на координација на граничните царински постапки. Работилницата ќе допринесе за развој на Национален едношалтерски систем и со неа ќе започне креирањето на стратегијата за негово имплементирање. 

На работилницата поздравно обраќање имаше директорот на Царинската управа г-дин Ѓоко Танасоски, кој истакна дека едношалтерскиот систем е токму пример за работење каде традиционалната структура на Царината е трансформирана во нови процеси што најдобро им служат на потребите на граѓаните и на учесниците во царинската постапка. Како дел од пристапот за едношалтерски систем, граѓаните и учесниците во царинската постапка ги добиваат сите услуги преку единствен интерфејс. Сложените организациски аранжмани помеѓу различните гранични агенции се потранспарентни за корисниците, што резултираат со  зголемена ефикасност и намалување на трошоците за увоз или извоз.

Директорот исто така посочи дека воспоставувањето на едношалтерски систем е еден од клучните придобивки од Договорот за олеснување на трговијата на Светската трговска организација, каде е наведено дека најголем дел од активностите за спроведување на увозот, извозот и транзитот треба да се вршат преку единствена точка, односно преку едношалтерскиот систем.

 

DSC_4102
DSC_4102
DSC_4111
DSC_4111
DSC_4125
DSC_4125
Previous Next Play Pause
1 2 3