На 30 мај 2018 година се одржа официјален настан на кој беше пуштен во употреба новиот царински терминал на граничниот премин Табановце. Надградбата на терминалот, финансиран од Европската унија ќе овозможи олеснување на прекуграничната трговија долж Коридорот 10 и спроведување на царинските постапки во модерни капацитети. Со ова се обезедени подобри услуги за економските оператори за побрз и поефтин транспорт на нивната стока преку границата. Подеднакво важно е и тоа што надградениот царински треминал ќе придонесе за зголемена безбедност на Република Македонија и нејзините граѓани.

Настанот го отвори Претседателот на Владата на Република Македонија, г. Зоран Заев кој во своето обраќање истакна дека новореконструираниот инфраструктурен капацитет на ГП Табановце е развиен според најмодерните и функционални стандарди за царинење и за олеснување на трговијата и контролата, а со тоа стартува работата на интероперабилниот информатички систем на Царинската управа со царинските информатички системи на ЕУ, односно се носат високи стандарди на работа во Македонија. Компјутерскиот систем, ќе го подобри управувањето и контролата, ќе влијае на забрзувањето на царинските постапки и ќе овозможи поефикасен сервис за граѓаните и бизнис заедницата.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека со овој настан се означува и крајот на последната кампања „ЕУ за ТЕБЕ” чија цел беше подигање на јавната свест за помошта на ЕУ во областа на транспортот. Тој посочи дека новиот терминал ќе помогне за олеснување на прекуграничната трговија долж Коридорот 10, што е најважната меѓународна рута низ земјата.

– Шеснаесет милиони евра помош од ИПА инструментот за Царинската управа до денес, од кои два милиони евра обезбедени за овој терминал, направија вистинско и мерливо влијание – истакна во обраќањето евроамбасадорот.

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека со проекти како што е модернизацијата и проширувањето на еден од најфреквентните гранични премини се подобруваат услугите на Царинската управа кон граѓаните и фирмите и се очекува значително да се забрза протокот на возила и да се намали времето на задржување на граничниот премин. Со тоа граѓаните и превозниците помалку ќе чекаат при премин, а услугата која ќе ја добиваат ќе биде подобра. Министерот посочи дека целта е преку континуиран реформски процес Царинската управа да биде модерна институција која ќе влијае во креирањето на поволна бизнис клима.

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танаскоски во говорот пред присутните истакна дека проектите се реализирани и се усогласени со царинското законодавство на ЕУ. Со проектот, посочи тој, ќе се заштеди на време, ќе се подобри квалитетот на услугите и условите за работа на економските оператори и царинските службеници, а зголемени се и капацитетите за преглед.

– Свесни сме дека основен услов за постигнување на визијата да бидеме водечка Царинска управа во регионот која ќе биде целосно усогласена со стандардите на ЕУ е и модернизацијата на администрацијата, развојот на човековите ресурси и ИТ капацитетите, подобрување на условите за работа и обезбедување соодветна инфраструктура на граничните премини за одржување на високи стандарди – посочи директорот Танасоски.

 

3
3
9
9
11
11
Previous Next Play Pause
1 2 3