По повод одбележувањето на 14 април - Денот на Царинската управа, организираме неколку настани со кои ќе одбележиме 26 година самостојна и независна Царинска управа на Република Македонија.  

05 април 2018 (четврток): 

Во трговскиот центар City mall, ќе се спроведе кампањата „Стоп за фалсификуваните производи“.  На главниот влез од трговскиот центар ќе биде поставен штанд на кој ќе бидат изложени примероци од запленети фалсификати, а граѓаните ќе може преку флаери и разговор со  царински службеници да добијат информација за се што презема Царинската управа во борбата против фалсификатите, како и информации како најлесно да ги препознаат.

10 април 2018 (вторник): 

Започнување на кампања „Пријавете корупција“.  Кампањата треба да придонесе да се искорени корупцијата во царинската служба и да се охрабрат лицата да пријават било каков облик на корупција. На повеќе гранични премини, граѓаните преку брошури и разговор со царински службеници ќе добијат повеќе информации за тоа каде и на кој начин можат да пријават случаи на корупција.

Кампањата „Не биди муле“ ќе се спроведува во период од 10 до 13 април во повеќе средни училишта во Скопје, Куманово, Тетово, Дебар, Битола, Прилеп, Охрид, Струга, Делчево и Штип. Стручни тимови на царински службеници преку разговор ќе ги информираат средношколците за штетните последици од трговијата со дрога. 

11 април 2018 (среда): 

Во Музеј на современа уметност, со почеток од 12 часот ќе се одржи традиционалната свечена церемонија на која накратко ќе бидат презентирани постигнатите резултати на Царинската управа во 2017 година, како и целите кон кои царината ќе биде насочена во идниот период. За време на настанот свое обраќање ќе има министерот за финансии д-р Драган Тевдовски. На свеченоста посебно внимание ќе се посвети на развојот на дигитализацијата на царинската служба, односно „Царината некогаш и денес“. Дел од царинскиот празник ќе биде и темата „Херои на секојдневието“, по која  неколку царински службеници ќе презентираат со какви ситуации и случки се соочуваат во секојдневното работење.

13 април 2018 (петок): 

Крводарителска акција на која учество ќе земат царински службеници од цела Македонија. 

По повод 14 април – Денот на Царинската управа на Република Македонија,  традиционално се организира Крводарителска акција под мотото „Вашата крв спасува живот“ на територијата на целата држава.

Крводарителската акција ќе се одржи на 13 април 2018 година (петок) во просториите на Царинската управа, со почеток во 9 часот (Аквариум сала). Воедно ги  известуваме заинтересираните царински службеници, дека постои можност да даруваат крв и во некој од Трансфузиолошките центри ширум државата.

 

Царинска управа на Република Македонија