Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец август 2017 година до надлежните јавни обвинителства  поднесе  4 кривични пријави против 5 физички лица и 2 правни лица. 

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

До Основното Јавно Обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава против едно лице, државјанин на Рeпублика Бугарија, за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.  Пријавениот, на 13 август 2017 година со патничко моторно возило со бугарски регистарски ознаки, се пријавил на влез во државата на граничниот премин Блаце. При контрола на возилото, во левата и десната страна на подот, царинските службеници открија два специјално направени бункери, во кои се пронајдени вкупно 25 пакетчиња наполнети со марихуана со вкупна тежина од 22 килограми.

Пријавениот е изведен пред судија на претходна постапка во Основниот Суд Скопје 1 кој му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.  

Криумчарење

До Основното Јавно Обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава против едно лице, државјанин на Рeпублика Македонија, за сторено кривично дело „Криумчарење“. Пријавениот, на 3 август 2017 година со своето патничко моторно возило се пријавил на влез во Република Македонија на граничниот премин Блаце. По извршената детална контрола на возилото, во просторот за вентилација, сместени во црна платнена торбичка – несесер, царинските службеници пронашле вкупно 5 пакувања облепени со кафена леплива лента, од кои во две од пакувањата се пронајдени вкупно 35.000 евра, а во три пакувања е пронајден златен накит (златни плочки, обетки, ланчиња, прстени, нараквици како и кршени парчиња од злато) со вкупна тежина од околу 1.400 грама. 

На ваков начин пријавениот избегнувајќи ја царинската контрола пренел непријавена стока – златен накит со вкупна вредност од 2.940.000 денари. 

За пронајдените девизни средства против Р.А. е поведена прекршочна постапка за сторен девизен прекршок по Законот за девизно работење. 

Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама

До Основното Јавно Обвинителство Куманово е поднесена кривична пријава против едно домашно правно лице и против две физички лица, државјани на Република Македонија, за сторени кривични дела „Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“.

На 23 август 2017 година при вршење на контрола во Куманово, инспекторите од Одделението за оперативни работи сопреле патничко моторно возило  со македонски регистарски ознаки. При контрола на возилото, царинските службеници пронашле 5 парчиња синтисајзери марка „KORG Pa4X PROFESSIONAL ARRANGER“ со вкупна вредност од 584.250 денари, за кои пријавените не поседувале соодветна царинска документација со која можат да докажат дека за истите се платени царинските давачки во Република Македонија. По прибирање на сите релевантни докази е утврдено дека пријавените поседувале стока од поголема вредност - во износ од 584.250 денари, иако знаеле дека истата била предмет на криумчарење.  

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

До Основното Јавно Обвинителство Скопје поднесена е кривична пријава против правно лице од Скопје и одговорното лице, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, односно неовластено увезле производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи. На 18 јули 2017 година, на царинската испостава Скопје 3, за потребите на пријавеното правно лице, со една увозна царинска декларација била пријавена стока со потекло од Република Турција. По извршениот преглед на декларираната стоката за увозно царинење, биле  пронајдени 106.848 чоколадни јајца со ознаки на заштитени трговски марки. Поради основано сомневање дека со наведената стока се повредуваат правата од интелектуална сопственост, постапувајќи по своите законски надлежности, Царинската управа привремено ја задржа предметната стока. По увидот на стоката застапниците на заштитените трговски марки ја известија Царинската управа дека имаат добиено потврди од носителите на правата на индустриска сопственост дека задржаните предмети се фалсификати. На ваков начин пријавените се обиделе да увезат производи кои се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи, со што го сториле кривично дело за кое се осомничени.