Денес, 29.08.2017 година, во просториите на Царинската управа, директорот на Царинската управа г-динот Ѓоко Танасоски одржа работна средба со г-дин Џорџ Р. Кларк, Регионален Советник за Програмата за контрола на извозот и граничната безбедност (EXBS).  

На работната средба се разгледа досегашната соработка помеѓу Амбасадата на САД и Царинската управа во рамките на Програмата за контрола на извозот и граничната безбедност (EXBS) воспоставена од 2004 година, при што се потпиша и грант - договор за доделување на опрема на Царинската управа во вредност од 55,874.67 американски долари.

Опремата која е наменета за спречување на незаконско тргување со стоки, се состои од 2 видео инспекциски системи за вршење на контрола, 4 комплети на опрема за мерење на густина, 5 комплети на основна опрема за вршење на инспекција и 5 пејџери за детектирање на радијација.

Оваа опрема,  што царинските службеници ќе ја користат во нивната секојдневна работа, ќе придонесе за поефикасна и поефективна борба против прекуграничниот криминал и за постигнување на подобри резултати во откривањето и спречувањето на недозволената трговија и заштита на границите.

На работната средба се констатираше и потребата од продлабочување на соработката во наредниот период, со цел за подобрување на оперативните капацитети на Царинската управа и постигнување на поефикасни резултати, во насока на заштита на границите и општеството во целина, како и олеснување на меѓународната трговија.

Во изминативе десетина години преку Програмата EXBS се реализирани бројни обуки и повеќе донации на опрема од страна на Aмбасадата на САД, која на  Царинската управа ѝ има обезбедено оперативна опрема во вредност од приближно 3 милиони долари, која се користи во секојдневното работење на царинските службеници, како  поддршка на севкупното царинско работење и исполнувањето на обврските и заложбите на Царинската управа.

1
1
2
2
3
3
Previous Next Play Pause
1 2 3