Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец јули 2017 година до надлежните јавни обвинителства поднесе 3 кривични пријави против 3 физички лица и 1 правно лице.

 Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Криумчарење“, и „Фалсификување исправа“.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

- До ОЈО Куманово е поднесена кривична пријава против лицето Ф.М. државјанин на Германија кој на 18.07.2017 година како патник во патничко моторно возило со германски регистарски ознаки, се пријавил на влез во Република Македонија на граничниот премин Табановце. Откако бил селектиран за претрес од страна на царинските службеници, пријавениот од џебот на панталоните извадил најлонска кесичка наполнета со прашкаста материја со бела боја и ја ставил во наслонот помеѓу двете задни седишта. Ова го забележале царинските службеници и ја пронајдоа кесичката, а по извршено вештачење на прашкастата материја, утврдено е дека истата преставува кокаин со вкупна нето маса од 4,25 грама. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во Основен суд Куманово кој донесе пресуда врз основа на предлог спогодба со која обвинетиот е огласен за виновен и му е изречена условна осуда – казна затвор од 2 години која нема да се изврши доколку обвинетиот во наредните 4 години не стори ново кривично дело. На обвинетиот му е изречена и казна протерување на странец од земјата во траење од 10 години.

Криумчарење  

- До ОЈО Куманово е поднесена кривична пријава против лицето О.А. државјанин на Македонија кој на 22.07.2017 година со своето патничко моторно возило се пријавил на влез во Македонија на граничниот премин Табановце. По извршена контрола на возилото, била пронајдена една хартиена салфета облепена со бела селотејп трака, во која бил сокриен златен накит (една женска огрлица, еден пар женски обетки и четири женски нараквици), со втиснати жигови. Вкупната вредност на непријавениот накит изнесува 306.234, 00 денари (или 5.500 швајцарски франци), видно од фактурата за купени накит која била издадена од продавачот со седиште во Цирих, Швајцарија на име на купувачот сега пријавениот О.А.

Фалсификување исправа

 - До ОЈО Битола е поднесена кривична пријава против лицето Н. К. од Битола во својство на одговорно лице во правно лице и против правното лице увозник, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело фалсификување исправа по член 378 од Кривичниот законик, односно лажна исправа употребил како вистинска. На 11.04.2016 и на ден 20.06.2016 година на царинската испостава Битола со две увозни декларации за потребите на пријавеното правно лице увозно се оцаринети две употребувани моторно возила. Во моментот на увозно царинење кон царинските декларации биле приложени договори за купопродажба во кои биле наведени изјави за потекло потпишани од извозниците, како доказ за преференцијално потекло на стоката, со цел на пријавеното правно лице да му биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно, увозно царинење со царинска стапка слободно. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на доказот за потекло, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинската администрација на Германија со барање за верификација на доказот за потекло. Од страна на царинската администрација на Германија, доставени се одговори според кој продавачите - извозниците од Германија ниту ги изготвиле ниту ги потпишале изјавите за потекло во договорите за купопродажба. Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг по предметните царински декларации и го задолжи увозникот да ги доплати избегнатите давачки.