Во насока на објективно, вистинито и целосно информирање на граѓаните, во продолжение објавуваме реакција и одговори на новинарски прашања од ТВ Телма, во врска со прилозите објавени на оваа телевизја „Шкарт нафта од Албанија блокирана на Косово, ја има ли и во Македонија?“, објавен на 20.07.2017 година и „Пет македонски фирми увезуваат „сомнителна“ нафта од Албанија?“, објавен на 21.07.2017 година:

Царинската управа со ниту еден закон не е надлежна за контрола на квалитет или безбедност на ниту еден производ. Единствено, доколку услов за увоз е потврда, одобрение, дозвола или сертификат за квалитет, кои ги издаваат други институции (на пример Агенција за храна и ветеринарство, Државен инспекторат за земјоделство, Државен санитарен и здравствен инспекторат, МАЛМЕД, Фитосанитарна управа, сертификациони тела и др.) Царинската управа само проверува дали таков валиден документ е приложен од увозникот.

Уште еднаш мора да повториме дека Царинската управа со ниту еден закон ниту подзаконски акт е задолжена да врши контрола на квалитет со анализи на пратки на нафта и нафтени деривати.

Сепак, од сите извршени лабораториски анализи на Царинската управа, најголем дел во лабораторијата на Царинската управа, но дел и во акредитирани лаборатории во Република Македонија,  оваа година заклучно со 20 јули (вкупно 198), 62% (122) се однесуваат на нафта и нафтени деривати. Од овие анализи, нема ниту еден негативен наод.

Царинската управа врши контрола врз основа на принципот на управување со ризик. Имајќи предвид дека годишно Царинската управа обработува околу 1 милион царински декларации (2016-986,1 илјади), односно просечно 2700 дневно (не секој работен ден, затоа што увоз, извоз и таранзит овозможивме да може да се спроведува секој ден), контролата базирана  врз основа на управување со ризик е единствено можно решение. Ниту една царинска служба во светот не контролира се што поминува преку граница, секаде се работи на принципот на управување со ризик и се вршат селективни контроли.

Со преземените мерки на Царинската управа, процентот на физичките контроли при увоз  е намален на 8,8% (од 30% во 2014), просечното време на царинење е намалено за 29% (од 69 во 2014 на 49 минути во вториот квартал на 2017) со постојано зголемување на наплатата на давачки. Во 2016 Царинската управа наплати 72,9 милијарди денари, 8,5%  повеќе од 2016 година, а во периодот јануари-јуни  2017 наплати 36,8 милијарди, односно 8,6% повеќе од истиот период во 2016 година.

Овие резултати и преземени мерки укажуваат на тоа дека Царинската управа на Република Македонија не може да ги организира своите активности врз основа на чисто шпекулирање, односно дека доколку нешто се случува во соседните држави, истото се случува и во Република Македонија.

Како и секогаш до сега, Царинската управа ќе ги извршува сите свои надлежности дадени со закон. По трет пат во овој допис повторуваме дека контрола на квалитет на нафтени деривати не е една од нив.

 

Прашања и одговори ТВ Телма 20.07.2017

Прашања и одговори ТВ Телма 21.07.2017

Прашања и одговори ТВ Телма 24.07.2017

Прашања и одговори ТВ Телма 27.07.2017

Податоци за увоз на нафта од Албанија