Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец јуни 2017 година, до надлежните јавни обвинителств,а  поднесе 5 кривични пријави против 5 физички лица и 1 правно лице.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Криумчарење “, „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Недозволено пренесување на акцизно добро односно стока или користење на акцизна дозвола или одобрение“, „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „Фалсификување исправа“.

Криумчарење

До Основното Јавно Обвинителство Гевгелија е поднесена кривична пријава против лицето З.Ј. државјанин на Република Србија кој на ден 31.05.2017г. со ТМВ-ло натоварено со разна стока од различни испраќачи од Република Грција, наменета за повеќе примачи во Република Србија, се пријавил на влез во Република Македонија на граничниот премин Дојран. По извршен детален преглед на товарот од страна на царинските службеници, покрај пријавената стока, била пронајдена и разна непријавена стока (облека, бижутерија, часовници, делови за ТМВ-ла, рачен алат, обувки и црковни предмети) со вкупна вредност од 552.250,00 денари. Обвиниетиот е предаден на судија на претходна постапка во Основниот Суд Гевгелија каде е донесена пресуда врз основа на предлог – спогодба со која е огласен за виновен и му е изречена парична казна во износ од 246.000, 00 денари, како и одземање на непријавената стока во корист на Република Македонија.

 Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

До Основното Јавно Обвинителство Велес е поднесена кривична пријава против лицето Е.Л. државјанин на Република Македонија кој на ден 02.06.2017 година како патник во автобус кој сообраќал на релација Истанбул – Струга, се пријавил на влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица. По извршен личен претрес на осомничениот од страна на царинските службеници биле пронајдени вкупно 4 пакетчиња наполнети со непозната прашкаста материја со кафена боја залепени со проѕирна селотејп трака на телото на осомничениот (две во пределот на стомакот и две пакетчиња на нозете – по едно на секоја нога).  По извршено вештачење на прашкастата материја, утврдено е дека истата преставува хероин со вкупна нето маса од 991 грам. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во Основниот Суд Велес кој му одреди мерка притвор.

Недозволено пренесување на акцизно добро односно стока или користење на акцизна дозвола или одобрение

До Основното Јавно Обвинителство Гевгелија е поднесена кривична пријава против лице Е.Н. државјанин на Република Македонија кој на ден 12.06.2017 година со ТМВ-ло натоварено со стока од Република Турција за Република Македонија, се пријавил на влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица. По извршена детална контрола на возилото, поточно во страничниот сандак на полуприколката како и во просторот за алат во кабината на товарното возило,  била пронајдена непријавена стока и тоа вкупно 200 килограми тутун за водено луле, со вредност на избегнатите давачки по основ на акциза од 270.000,00 денари.

Фалсификување исправа

До Основното Јавно Обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава против лицето И. Б. од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело фалсификување исправа по член 378  од Кривичниот законик, односно лажна исправа употребил како вистинска. На 17.03.2017 во царинската испостава Скопје 2, пријавениот увозно оцаринил употребувано моторно возило. Во моментот на увозно царинење кон царинската декларација била приложена фактура во која била наведена изјава за потекло потпишана од извозникот, како доказ за преференцијално потекло на стоката, со цел на пријавениот да му биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно, увозно царинење со царинска стапка слободно. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на доказот за потекло, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинската администрација на Швајцарија со барање за верификација на доказот за потекло. Од страна на царинската администрација на Швајцарија, доставен е одговор според кој продавачот - извозникот од  Швајцарија ниту ја изготвил ниту ја потпишал изјавата за потекло во фактурата. Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и го задолжи увозникот да ги доплати избегнатите давачки.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

До Основното Јавно Обвинителство Велес е поднесена кривична пријава против правно лице од Скопје и одговорното лице Х. И. од Тетово, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, односно неовластено увезле производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи. На ден 20.03.2017 година во царинската испостава Гевгелија, за потребите на пријавеното правно лице, со една увозна царинска декларација била пријавена стока со потекло од Република Турција. По извршениот преглед на декларираната стоката за увозно царинење од страна на царинските службеници биле  пронајдени 156.000 парчиња  тврди компресирани бонбони во пакување со 3D форма на амбалажата што наликува на заштитена трговска марка, и 52.200 парчиња  чоколадни бонбони и 38.400 парчиња тврди компресирани бонбони  во пакувања со ознаки на две различни заштитени трговски марки. Поради основано сомневање дека со наведената стока се повредува правото од интелектуална сопственост, постапувајќи по своите законски надлежности, Царинската управа привремено ја задржа предметната стока. По увидот на стоката застапниците на наведените трговски марки ја извести Царинската управа дека има добиено потврда од носителите на правото на индустриска сопственост дека задржаните предмети се фалсификати, односно истите ги повредуваат нивните права од индустриска сопственост. На ваков начин пријавените се обиделе да увезат производи кои се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи, со што го сториле кривично дело за кое се осомничени.