Царинска управа информира дека увозот на одредени земјоделски производи во Европска Унија со потекло од Република Македонија може да се врши согласно одредбите во Спогодбата за стабилизација и асоцијација и согласно Регулативата за примена на автономна трговска мерка. Согласно Спогодбата ослободувањето при увоз се однесува само на царинската стапка ad valorem, а согласно Регулативата ослободувањето при увоз се однесува и на царинската стапка ad valorem и на давачките кои имаат еквивалентен ефект.

Доколку се применува автономната трговска мерка увозот е поповолен само за оние земјоделски производи со потекло од Република Македонија за кои при увоз во Европска Унија се пропишани царински давачки и давачки кои имаат еквивалентен ефект.

Во тој случај, при пополнувањето на образецот на уверението за движење ЕУР 1 од страна на застапниците во царинската постапка (шпедитери) односно при издавањето на фактура во која е внесена изјава за потекло од страна на извозниците, треба да се внесе забелешката „Autonomous trade measures“ на англиски јазик или „Mesures commerciales autonomes“ на француски јазик само за таа стока. Оваа забелешка застапниците односно извозниците треба да ја наведат во рубрика 7 од уверението за движење или под текстот на изјавата за потекло.

Доколку во возилото се транспортира стока за извоз за која се применува автономна трговска мерка и стока за која не се применува автономна трговска мерка, тогаш треба да се издадат два докази за потекло (еден со наведената забелешка, а друг без забелешка).

Се препорачува пред изготвување на доказот за потекло да се провери на веб страницата на Генералниот директорат за царини и оданочување на Европската Комисија (DG TAXUD), во делот за ТАРИК на Европската Унија, дали за конкретната стока има пропишано царинска стапка ad valorem и давачки кои имаат еквивалентен ефект. Доколку има пропишано само царинска стапка ad valorem, не треба да се пополнува забелешката, бидејќи тогаш се применуваат одредбите од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

За сите претходно издадени докази за потекло кои се однесуваат на стоки за кои може да се примени автономна трговска мерка потребно е дополнително да се издадат докази за потекло со оваа забелешка само за оној вид на стока за која е потребно да се наведе забелешката. Во тој случај во рубрика 7 се наведува забелешката „Issued retrospectively” и забелешката „Autonomous trade measures“ или „Mesures commerciales autonomes“.

Во продолжение линк до краток водич за пристапување и проверка на соодветниот линк на DG TAXUD на Европската Унија.

Водич за пристапување и проверка