Со цел обезбедување на транспарентно и точно информирање на јавноста, Царинската управа и овој пат сака навремено да информира околу во моментот актуелната тема за опасен отпад кој од Италија влегол во Албанија.

На оваа тема добивме прашање од неделниот весник „Фокус“: 

- „италијанските медиуми пишуваат дека во 2016 година, 1.300 контејнери со отпад од Италија требало да поминат на граничниот премин Ќафасан, но исчезнуваат во Италија. Сепак медиумите посочуваат дека лани на овој граничен премин поминале 1.140 контејнери, за што ви доставуваме табела. Нашето прашање е што имаше во овие контејнери, дали отпад и каде завршиле, односно за каде завршиле. Во контекст на поставеното прашање што објавуваат италијанските медиуми. Ви ја праќам табелата (која е на албански), односно доказот дека на Ќафасан во 2016 година влегле 1.140 контејнери, но за нив не се прецизира дали е отпад“.

На ова прашање беше благовремено одговорено во текот на вчерашниот ден, но одговорот не беше земен во предвид во статијата објавена во денешниот број на Фокус (24.03.2017 година). Во продолжение интегрално го доставуваме одговорот испратен до „Фокус“: 

„Во врска со Вашето прашење со прилог табела, Ве информираме дека како што и стои во самата табела ниту еден контејнер не е извезен од Италија и ниту една содржана тарифна ознака не се однесува на отпад, за кој при увоз, извоз и транзит постои посебен режим, односно согласно Закон за управување со отпад,  Закон за управување со пакување и отпад од пакување  и  Правилник за извоз, увоз и транзит на отпад, Министертвото за животна средина и просторно планирање задолжително издава дозволи за увоз, извоз или транзит  на отпадни материи. 

Имено, во табелата се содржани следните видови на стоки: замрзнато пилешко месо, банани, моторцикли, детски играчки, износена облека, ќебиња, јакни работни синтетички, регистратори, сардини во масло, оксиди на бакар, овча кожа. 

Стоките се увезени во Република Македонија.

Царинската управа на Република Македонија на дневна основа во реално време преку систем SEED разменува податоци со Царинската управа на Република Албанија при што се врши спарување на податоците за она што излегува од едната, а влегува во другата земја, на кој начин се обезбедува совпаѓање на податоците за истата, односно се превенира шверц, недозволена трговија и корупција.

Воедно, Ве информираме дека е неточна  Вашата непроверена информација објавена во минатиот број на Фокус од 17 март 2017 година, во текстот „Во „Дрисла“  требало да се уништат 1300 контејнери опасен отпад од Италија“,  дека со директорот на  Царинска управа Наташа Радеска Крстевска биле одржани состаноци на оваа тема, затоа што директорот на Царинска управа Наташа Радеска Крстевска не присуствувал на ниту еден состанок на оваа тема.“