Преку-граничната е-трговија е еден од главните фокус точки на ЕУ легислативите со цел регулирање и олеснување на слободно движење на добра помеѓу земјите.

Ако сакате да ги пласирате и продавате вашите производи надвор од Македонија по електронски пат тогаш ќе треба да се информирате за царинските процедури кои треба да ги следите.

Додека истражувавме за Извештајот од анализата на е-трговијата во РМ ги прашавме е-трговците кои се предизвиците со кои се соочуваат во работењето. Еден од истакнатите предизвици (комплексни административни процедури за извоз и скапа испорака) беше токму и поводот за отпочнувањето соработка со Царинската управа. Првата средба ја остваривме пред неколку месеци каде ги запознавме повеќе со нашата работа и извештајот, а веќе во јули потпишавме меморандум за соработка. Бевме пријатно изненадени од интересот, како и расположението за фокус кон е-трговијата или по “царински речник” преку-гранична е-трговија. Бидејќи постоиме да ја застапуваме индустријата, да шириме знаење и да ја подобруваме состојбата многу скоро (во септември) организираме едукативна работилница со Царинската управа со цел запознавање на сите заинтересирани со олеснетите процедури, како и за одговорање на сите отворени прашања и нејаснотии за е-трговците во поглед на царинските постапки и извоз.

Разговаравме со Директорот на Царинската управа и го прашавме некои работи кои веруваме би ги интересирале сите инволвирани.

Нина Ангеловска: Почитуван г-дин Ѓоко Танасоски, според Вас, кои се главните предизвици од аспект на Царинската управа за креирање на раст и развој на е-трговијата во земјава?

Ѓоко Танасоски: Е-трговијата претставува главен предизвик во меѓународната трговија. Некои можат да мислат дека таа претставува само друга форма на трговија, но сепак треба да се следат измените што придонесуваат за развојот на меѓународната трговија и да се обезбедат иновативни решенија за нејзино справување. Ефикасноста на царинењето и испораката на пратки со мала вредност е од суштинско значење за царинското работење. За да може Царинската управа да се справи со предизвиците на е-трговијата, потребно е да ги ангажираат сите релавантни учесници во постапката за е-трговија со цел правилно утврдување на соодветниот пристап, како од аспект на олеснувањето на трговијата и спроведување на правилна контролна постапка.

Во таа насока Царинската управа неодамна потпиша Меморандум за соработка со Асоцијацијата за електронска трговија што е потврда дека Царинската управа се води од заеднички принципи на постапување и делување, разбирање на партнерите, земајќи ги во предвид предностите и современите текови на електронската трговија што ги вклучува сите трансакции реализирани од далечина, со користење на електронски или дигитални платформи. Потписниците на Меморандумот соработката ќе ја остваруваат преку споделување на релевантни информации од областа на е-трговијата, заеднички ќе придонeсуваат за развојот на соодветни програми од областа на е-трговијата за потребите на корисниците на услугите, како и преку споделување на тековни и нови искуства, релевантни за област на дејствување и соодветната целна група.

За Царинската управа најважни карактеристики во е-трговијата се: брзината и осетливоста на времето за завршување на царинската постапка, високиот обем на мали пратки што се увезуваат преку пошта или брзи пратки, учеството на непознати играчи (во смисла на испорачатели на стоки), како и постапката на враќање на примени и неподигнати стоки.

Во е-трговијата, Царинската управа потребно е да се справи со предизвиците во следниве области: олеснување на трговијата и безбедноста на општеството, правилна и ефикасна наплата на царинските давачки и даноците и заштита на општеството од можната злоупотреба на е-трговијата за криминални активности. Во однос на олеснувањето на трговијата и заштита на општеството, најважни предизвици за Царинската управа на Република Македонија се: обезбедување на брзина и ефикасност во времето на царинење на брзите пратки во услови на зголемен обем на пратки, управување со промените што произлегуваат како резултат на промената на гломазните пратки во контејнери со голем број на мали пратки и пратки со ниска вредност, управување со ризик што произлегува од недоволното познавање на увозниците и синџирот на снабдување во е-трговијата, обезбедување на точност на податоците, како и дефинирање на улогата и одговорностите на операторите во е- трговијата.

Во однос на правилната и ефикасна наплата на царински давачки и даноци, најважни предизвици се: идентификација на злоупотреби при користење на правото на „минимална вредност“ заради целите на нелегална трговија (поделба на пратките на повеќе делови или пониско пријавување на вредноста), почитување на правилата за распоредување на стоките во Царинската тарифа и правилата за потекло на стоките и интеграција на е-трговијата наспроти традиционалната трговија.

Трета област на предизвици што се однесува на заштита на општеството од можната злоупотреба на е-трговијата за криминални активности ги опфаќа:создавањето на специјални организациони единици во Царинската управа што треба да вршат пребарување низ интернет, заради спречување, откривање, истражување и казннување на можни злоупотреби во е-трговијата (шверцување на дрога, фалсификувани и пиратски стоки, откривање на нелегални финансиски текови поврзани со перење на пари, обезбедување на меѓународна соработка и потврда дека договорите за меѓусебна соработка заради откривање и казнување на интернет страни што се хостирани надвор од царинското подрачје на Република Македонија и максимална употреба на постоечката технологија, особено оние поврзани со анализата на податоци.

НА: Моменталните процедури за купувачот кога нарачува нешто онлајн од друга земја со вредност над 22 евра и над 45 евра се прилично комплицирани. Дали се планираат промени во овој дел во насока на симплифицирање и дополнително дали се планира зголемување на прагот на вредноста на стоките кои се испратени од странство кои ќе бидат ослободени од плаќање ДДВ и царина?

ЃТ: Начелно, при пристигнување на поштенските пратки на царинското подрачје на Република Македонија, согласно одредбите на Уредбата за спроведување на Царинскиот закон под надзор на царински службеник се врши издвојување на пратките кои се пуштаат во слободен промет без обврска за поднесување на царинска декларација и тоа:
– поштенски картички и писма кои содржат само лични пораки,
– писма пишувани со Браилово писмо,
– печатен материјал кој не подлежи на плаќање на увозни давачки и
– сите други пратки од некомерцијална природа увозни давачки, а кои содржат ситни подароци, рекламен материјал, ситни мостри и слично, освен пратките кои содржат алкохол и пијалоци што содржат алкохол, парфеми и тоалетни води, тутун и производи од тутун. кои се испраќаат со писмо или со поштенски пакет од незначителна вредност, со вкупна вредност до 22 ЕУР во денарска противвредност, под услов да не постои обврска за плаќање.

Согласно член 1 став 3) од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон и член 2 став 1) точка д) од Уредбата за поблиските критериуми и начинот на спроведување на ослободувањето од плаќање на увозни давачки, како и вредноста, количината и видот или намената на стоката која може да се ослободи од плаќање на увозни давачки, како пратки од некомерцијална природа се сметаат оние пратки кои се испратени од едно на друго физичко лице, повремено се увезуваат и нивниот вид и количина укажува дека се наменети за приватна, лична и семејна употреба на примачот или која очигледно е наменета за подарок.Овие пратки се ослободени од плаќање на царински давачки и ДДВ до вредност од 45 ЕУР.

Согласно член 87 од Уредбата за спроведување на царинскиот закон е предвидено дека прилагодување на декларираната вредност нема да биде направено во поглед на трошоците при утврдување на вредноста на пратките од некомерцијална природа, што значи дека за стока од некомеријална природа, транспортните трошоци не се засметуваат во царинската вредност на стоката.

Пратките кои не подлежат на давачки согласно став 3 од членот 144 од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон се смета дека се ставени на увид на царинскиот орган во смисла на член 73 од Царинскиот закон, дека царинската декларација е прифатена и дека е одобрено пуштање на стоката, во моментот кога стоката е испорачана до примачот. Овие пратки, после извршената контрола од страна на царинскиот орган во изменичната пошта можат да се пуштат во слободен промет без царински формалности.

Овие правила и прагови, особено во делот на ослободување од плаќање на ДДВ се целосно усогласени со Директивите за ДДВ на Европската Унија и Република Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ и во согласност со Националната програма за усвојување на правото на ЕУ е должна да ги применува во целост и да се усогласува со нив.

НА: Многу често коментарите на е-купувачите се дека толкувањата за вредноста на стоките купени за лична употреба во отсуство на прикажана фактурна вредност (а понекогаш и кога ја има) се субјективни и зависат од случај до случај. Дали планирате промени во овој дел со цел зголемување на транспарентноста и довербата кај купувачите кои прават нарачки од странски веб сајтови?

ЃТ: Сите поштенски пратки кои содржат стока, а кои се испратени од странство од страна на правни лица, како и сите пратки кои се предмет на купопродажба, подлежат на пресметка на царински давачки и ДДВ, независно дали служат за лична употреба на примачот. При тоа од плаќање на царински давачки се ослободуваат пратките чија што вредност не надминува 45 ЕУР, а од плаќање ДДВ се ослободуваат пратките чија што вредност не надминува 22 ЕУР, што значи дека за пратките со вредност до 45 ЕУР се плаќа само ДДВ.

Во постапката на царинење на стоката во поштенските пратки, независно дали се спроведува на поштенско царинска декларација или единствена царинска декларација (ЕЦД), се утврдува царински долг што треба да се плати. Царинскиот долг го сочинуваат царината и ДДВ и евентуално други пропишани давачки во зависност од видот на стоката. Пропишаната царинска стапка се пресметува на царинската вредност на стоката. Царинската вредност на стоката ја сочинува трансакциската вредност, односно стварно платената цена на стоката или цената која што треба да се плати, прилагодена за дополнителните трошоци кои се настанати до пристигнувањето на стката на царинското подрачје на Република Македонија. По правило во царинската вредност на стоката испратена по пошта влегуваат трошоците за поштарина кои настануваат надвор од царинското подрачје на Република Македонија. Трошоците за поштарина не влегуваат во царинската вредност на стоката која по пошта ги испраќа едно физичко лице на друго, освен кога се работи за стока превезена со брза пошта позната како ЕМС. Во царинската вредност, исто така, не се вклучуваат и евентуалните дополнителни трошоци кои настануваат во Репубика Македонија, а кои ги наплаќа поштата.

Даночната основица ја сочинува износот на царинската вредност зголемена за износот на пресметаната царина.

Основен документ за утврдување на царинската вредност претставува фактурата, односно сметката. Доколку кон поштенската пратка не е приложена фактура или сметка, царинскиот службеник ќе го повика примачот на стоката да достави докази за вредноста на стоката. Доколку примачот на пратката не достави никакви податоци за вредноста на стоката, царинскиот службеник ја пресметува царинската вредност согласно одредбите од членовите 29 до 34 од Царинскиот закон.

Сакам да нагласам дека во овој сегмент преку соработката со АЕТМ предвидуваме повеќе начини за зголемување на соработката и транспаретноста во поглед на подигање на свеста на учесниците во е-трговијата за начините на утврдување на царинската вредност и елемнтите што ја сочинуваат царинската вредност.

НА: Во извештајот на анализата на е-трговијата во Македонија, кој го објави АЕТМ, како дел од предизвиците на е-трговците кои продаваат на странски пазари посочени се комплицираните административни пречки и царинските процедури за извоз. Какви се плановите на Царинската управа за олеснување на овие процедури?

ЃТ: Царинската управа има големо значење во спроведувањето на политиките на Владата и реализација на целите за национален развој. Таа често е првиот прозорец преку кој надворешниот свет ја гледа земјата, затоа без добро обучена и ефикасна Царинска управа, не можат во целост да се остварат целите во поглед на заштита на општеството од голем број интернационални, економски и безбедносни закани. Од неодамна, од Царинската управа, како и од многу други царински администрации ширум светот, беше побарано да ја преземе улогата на олеснувач на трговијата. За исполнување на оваа улога Царинската управа треба да усвои конкретни практики што треба да овозможат олеснување на трговијата и подобрување на царинските постапки. Овие подобрени практики, исто така, се усвоени од други земји и се развиени во рамките на Светската царинска организација (СЦО) и Светската трговска организација (СТО).

Сите се согласуваме дека е важно деловната заедница да биде информирана за спроведувањето на реформите за олеснување на трговијата, опфатени во Спогодбата на Светската трговска организација за олеснување на трговијата и утврдувањето на минималните барања што треба да се спроведат за да се зголеми ефикасноста на прекуграничните постапки.

Свесни сме дека е-трговците се соочуваат со администратвни пречки. Следејќи ги препораките од Извештајотна АЕТМ, а во насока на олеснување на работата на е- трговците, Царинската управа го промовира концептот на локално царинење при извоз со употреба на поедноставени постапки. Со употребата на овие поедноставени царински постапки, е-трговците ќе можат секојдневно 24/7 да вршат испорака на нивните пратки во странство само со комерцијална фактура, а царинска декларација да поднесуваат еднаш на секои 10 или 15 дена. На овој начин преку значително намалување на трошоците за извоз ќе можат да вршат и поврат на ДДВ со што значително ќе им се олеснат условите за работа. Во соработка со АЕТМ планирано е во месец септември да се организира работилница со сите е-трговци со цел да бидат запознаени со овие поволности.

НА: Минатиот месец Светската Царинска Организација (WCO) објави Рамка на стандарди за преку-гранична е-трговија. Кои од овие стандарди сметате дека се клучни и дали се планира имплементација на истите во Македонија?

ЃТ: Растечкиот тренд во прекуграничната трговија обезбедува огромни можности за глобалната економија, со што се создаваат нови услови за раст, развој на нови трговски текови, нови трендови во потрошувачката и создавање на нови работни места. Овој огромен раст го револуционаризира начинот на кој потрошувачите и купувачите ги рекламираат, продаваат и купуваат стоките, нудејќи пошироки можности за избор, плаќање и начини на испорака. Со е-трговијата се отвораат нови економски можности за микро, малите и средните претпријатија во услови на поширок пристап кон странските пазари.

Недостатокот на глобални стандарди за ефикасно управување со прекуграничната е-трговија имаше влијание на олеснувањето на трговијата, сигурноста и безбедноста, како и почитувањето на законските прописи. Од таа причина, неопходно беше усвојувањето на овие глобални стандарди што треба да бидат клучна алатка во поставуувањето на новите канали на трговијата како главна машина за глобалниот економски раст.

Царинската управа на Република Македонија во рамки на плановите за воведување на новиот систем за обработка на царински декларации што треба да се применува од наредната година, планира широко воведување на овие глобални стандарди на Светската царинска организација. Ова пред се ќе се однесува на можноста за безхартиено царинско работење, воведување на информации пред пристигнување на стоката и претходно утврдување на висината на царинските давачки. Во однос на стандардот за јавно информирање, како што споменав и претходно во месец септември со АЕТМ планираме организирање на едукативен настан со цел пошироко запознавање на е-трговците со поедноставувањата во царинската постапка.

Глобалната рамка на стандарди треба да биде од голема помош за владите, особено за царинските управи, приватниот сектор и другите учесници во е-трговијата во исполнувањето на нивните индивидуални цели и приоритети.

НА: За крај, каква е ситуацијата со легислативата во ЕУ во контекст на преку-гранична е- трговија, кои се лоцираните предизвици и кои се промените кои се предлагаат?

ЃТ: Законодавство на ЕУ во најголема мерка е насочено кон олеснување и дигитализација на прекуграничната е-трговија. Тоа пред се, овозможува царинските органи да имаат увид во сите податоци што се однесуваат на пратките пред нивното пристигнување на Царина во поглед на видот на стоката, количината, вредноста, името на испраќачот и името на примачот на стоката. На овој начин преку користење на алатката за управување со ризик и информации пред престигнување царинскиот орган уште пред да пристигне пратката го информира превозникот – поштата или курирскиот превозник, кои пратки се ослободени од плаќање на царина и давачки, кои пратки треба да се прегледаат, а кои треба да бидат предмет на физичка контрола. Ваквиот начин на царинење овозможува значително забрзување и скратување на времето за царинење на брзите пратки и намалување на трошоците.

Царинската управа од мај оваа година почна да применува ваков начин на царинење за брзите пратки што пристигаат на аеродром преку брзите пошти и ваквиот начин на царинење во изминативе месеци покажа мошне солидни резултати во поглед на времето и трошоците за царинење на брзите пратки. Следна фаза претставува воведување на електронско плаќање на царина и воведување на ваквиот начин на царинење во поштенскиот сообраќај.

Царинската управа на Република Македонија и понатаму ќе продолжи да го поддржува растот на е-трговијата придонесувајќи за екомомскиот развој и иновациите, преку обезбедување на поедноставено царинско опкружување што треба да придонесе за успех и одржливост на е-трговијата. Ова ќе го постигнеме преку хармонизација со европските процеси за царинење на пратки со мала вредност.