Со Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки се уредени условите и постапката за издавање на одобрение и лиценца за вршење на работи на застапување пред царинските органи заради спроведување на дејствија и формалности пропишани со царинските прописи, условите и постапката за полагање на стручен испит за лиценциран застапник, начинот на кој се спроведува контролата над работата на овластените царински застапници и лиценцираните застапници, како и видот на евиденциите кои се водат.

Работите на лиценциран застапник може да ги врши лице кое има лиценца за вршење на застапување согласно овој закон.

Во врска со Законот за вршење работи за застапување во царинските постапки (Сл. весник на РМ бр. 180 од 05.12.2014 г. ) и неговите измени (Сл. весник на РМ бр. 154 од 04.09.2015 г.) се известуваат овластените царински застапници и лиценцирани застапници дека најдоцна до 14.12.2015 година потребно е да поднесат барања за одобрение за вршење на работи за застапување и барања за издавање на лиценца согласно условите од членот 5 односно 7, ставови (2) и (3) точка а).

Во случај овластените царински застапници и лиценцирани застапници да не поднесат барање до наведениот рок, издаденото одобрение за застапување односно лиценца престанува да важи.

Кон барањето за одобрение за вршење на работи на застапување во царинските постапки потребно е да се приложат следните документи:

  1. Решение и тековна состојба издадени од Централен регистар на Република Македонија;
  2. Склучен договор за вработување на неопределено време или соодветен акт за работа со најмалку едно лице кое има лиценца за вршење на застапување во царинските постапки;
  3. Овластување (полномошно) за потпишување на царински декларации за лицето кое има лиценца за вршење на застапување;
  4. Писмена изјава дека ќе го гарантира исполнувањето на обврските кои може да произлезат од вршењето на застапување во царинските постапки;
  5. Имотен лист издаден од Агенцијата за катастар за поседување на деловен простор или договор за закуп на деловен простор;
  6. Спецификација на опремата која се употребува за вршење на застапување во царинските постапки и опис и спецификација на системот за пристапување кон системот за обработка на царински декларации и други документи на Царинската управа;
  7. Потврда од надлежен суд дека подносителот на барањето и одговорното лице кај подносителот на барањето во последните две години не е огласено за виновно со правосилна одлука на надлежен суд за кривично дело против јавните финансии, платниот промет и стопанството, кривично дело против службената должност, кривично дело против правниот сообраќај или кривично дело определено со Законот за акцизите и
  8. Потврда издадена од Управата за јавни приходи дека нема неподмирени обврски кон државата
  9. Доказ за платена административна такса во износ од 50 и 500 денари

Кон барањето за издавање на лиценца за вршење на застапување потребно е да се приложат следните документи:

  1. уверение (доказ) за завршено најмалку средно образование од средно училиште заверено кај нотар;
  2. потврда од овластен царински застапник или имател на одобрение за поедноставени царински постапки кај кого се стекнал со работно искуство од најмалку две години на работни задачи од областа на царинското работење
  3. уверение за положен стручен испит за лиценциран застапник или лиценца;
  4. потврда од надлежен суд дека во последните две години не е огласен за виновен со правосилна одлука на надлежен суд за кривично дело против јавните финансии, платниот промет и стопанството, кривично дело против службената должност, кривично дело против правниот сообраќај или кривично дело определено со Законот за акцизите;
  5. доказ за платен надоместок за издавање на лиценца за вршење на застапување во царинските постапки во износ од 1800 денари
  6. Доказ за платена административна такса во износ од 50 и 500 денари

Со цел навремено издавање на одобренијата за овластени царински застапници и лиценците за застапување, потребно е имателите на истите благовремено да ги достават потребните барања и документи до Царинската управа.

Во прилог на оваа информација е и примерок од Изјавата за гарантирање на исполнувањето на обврските.

Прилог 1- Барање за одобрение за вршење на работи на застапување во царинските постапки

Доказ за платена административна такса во износ од 50 и 500 денари

Прилог 2 - Барање за лиценца за вршење на застапување во царинските постапки

Примерок за надоместок за лиценца;

Доказ за платена административна такса во износ од 50 и 500 денари

Прилог 3 - Барање за издавање на легитимација на лиценциран застапник

Примерок за надоместок за легитимација

Доказ за платена административна такса во износ од 50 денари

Примерок од договор за заснован работен однос или соодветен акт – примерок од заверен образец М1/М2

Две фотографии во боја со димензии 2х3 см

Правилник за доказите за исполнетост на условите за издавање на одобрение за вршење на работи за застапување во царинските постапки и доказите за исполнетоста на условите за издавање на лиценца за вршење на застапување во царинските постапки, формата и содржината на барањето за издавање на одобрение за вршење на работи на застапување во царинските постапки, формата и содржината на барањето за издавање на лиценца за вршење на застапување во царинските постапки, формата и содржината на барањето за издавање на легитимација на лиценциран застапник, формата и содржината на легитимацијата за лиценциран застапник и висината на надоместоците за издавање на лиценца за вршење на застапување во царинските постапки и за издавање на легитимација на лиценциран застапник (Сл. весник на РМ бр. 207/2015).