Добрата подлежни на акциза смеат да се транспортираат при непостоење на услови за настанување на акцизен долг од еден во друг акцизен склад, или пак до иматели на акцизно одобрение, во рамките на акцизната територија. Добрата подлежни на акциза треба неодложно да бидат примени во акцизен склад од страна на имателот на акцизна дозвола или од имател на акцизно одобрение.

Добрата подлежни на акциза можат да се извезуваат од акцизен склад што се наоѓа на акцизна територија во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг. Добрата подлежни на акциза треба неодложно да се извезат од страна на имателот на акцизна дозвола.

Царинската управа може да утврди случаи во кои постапката на непостоење на услови за настанување на акцизен долг при извозот ќе може да се замени со царинска извозна постапка, доколку истата ги обезбедува даночните принципи.

Добрата подлежни на акциза можат по престанокот на царинскиот надзор во смисла на членот 4 став 2 на Законот за акцизите, да се транспортираат во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг до акцизен склад или до имател на акцизно одобрение во акцизната територија.

Доколку се појават знаци на нарушување на даночните принципи, имателот на акцизна дозвола за акцизниот склад од кој излегуваат добрата дава гаранција за транспортот.

Надлежниот орган може по барање да дозволи, наместо испраќачот, гаранција за транспортот на добрата во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг да даде превозникот, царинскиот декларант или сопственикот на добрата.

 

Акцизен документ

Секое добро подлежно на акциза кое се транспортира во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг е проследено со акцизен документ издаден од страна на испраќачот.

Акцизен документ е документот кој го придружува транспортот на акцизни добра и со кој се докажува движењето на акцизни добра во постапка на непостоење на услови за настанување акцизен долг, или при извоз од акцизен склад во постапка на непостоење на услови за настанување акцизен долг, освен ако поинаку не е пропишано со Законот за акцизите.

 

Примена на акцизниот документ

При транспортот на акцизните добра во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг согласно член 11 став 1 од Законот за акцизите, акцизниот документ се пополнува од страна на испраќачот. Листот со број 1 го задржува за себе, а листовите со број 2, 3 и 4 од акцизниот документ го пратат доброто до примателот. Примателот по приемот на доброто ги оверува листовите со број 2, 3 и 4 од акцизниот документ, го задржува листот со број 2 во својата евиденција, а листовите со број 3 и 4 од акцизниот документ ги доставува до Царинска управа најдоцна за три работни дена по приемот на добрата. Царинска управа ги оверува листовите со број 3 и 4, листот со број 4 го задржува во својата евиденција, а листот со број 3 го враќа на примателот кој е должен најдоцна во рок од три дена да го достави до испраќачот на доброто.

При транспортот на акцизните добра во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг согласно член 11 став 2 од Законот за акцизите, акцизниот документ се пополнува од страна на испраќачот, а листовите со број 2, 3 и 4 од акцизниот документ го пратат доброто до појдовниот царински орган каде се врши извозното царинење и започнува транзитната постапка, односно добрата се ставаат под царински надзор. По ставањето на увид на добрата кај појдовниот царински орган, истиот ги оверува листовите со број 2, 3 и 4 од акцизниот документ. Појдовниот царински орган го задржува листот со број 2 во својата евиденција, листот број 3 го враќа на испраќачот на доброто за негова евиденција, а листот број 4 го испраќа во Централната управа на Царинската управа.

При транспортот на акцизните добра во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг согласно член 11 став 3 од Законот за акцизите, акцизниот документ се пополнува од увозникот-примател (имател на акцизна дозвола или имател на акцизно одобрение) и се поднесува кај царинскиот орган заедно со царинската декларација со која престанува царинскиот надзор во смисла на член 1 Правилникот за спроведување на законот за акцизите

Царинскиот орган го оверува акцизниот документ (листовите со број 1, 2, 3 и 4) и листот со број 1 го задржува во својата евиденција, а листовите со број 2, 3 и 4 од акцизниот документ го пратат доброто до примателот. Увозникот-примател по приемот на доброто ги оверува листовите со број 2, 3 и 4 од акцизниот документ, го задржува листот со број 2 во својата евиденција, а листовите со број 3 и 4 од акцизниот документ ги доставува до царинскиот орган каде што е извршено увозното царинење најдоцна во рок од три работни дена по приемот на добрата. Царинскиот орган ги оверува листовите со број 3 и 4, листот број 3 го задржува во својата евиденција, а листот број 4 го испраќа во Централната управа на Царинската управа.

Испраќачот неодложно ги заведува испратените акцизни добра во својата евиденција. Примателот неодложно ги заведува примените акцизни добра во својата евиденција. Лицето кое го врши превозот при транспортот со себе го носи акцизниот документ.

 

Форма и содржина на акцизниот документ

Акцизниот документ - образец АД се состои од четири листен комплет и тоа:

  1. лист со број 1 со жолта полна линија по десниот раб со широчина од 3 мм – за испраќачот/царинскиот орган;
  2. лист со број 2 со сина полна линија по десниот раб со широчина од 3 мм – за примателот/царинскиот орган;
  3. лист со број 3 со зелена полна линија по десниот раб со широчина од 3 мм – за потврдување на прием на добрата на испраќачот, и
  4. лист со број 4 со црвена полна линија по десниот раб со широчина од 3 мм – за известување на Царинска управа.

Акцизниот документ се пополнува со машина за пишување или со печатар. Пополнетиот акцизен документ не смее да содржи бришани, прецртани или допишани податоци. Секоја празна рубрика мора да биде прецртана, на таков начин, да не е можно допишување во неа.

Образецот "АД" е со димензија 210 х 297 мм, со максимална должинска толеранција од 5 мм помалку или 8 мм повеќе. Образецот мора да е отпечатен на самокопирна хартија со најмала маса од 40 гр./м2 и не смее да содржи дрвна целулоза. Хартијата треба да биде доволно непропустна, за податокот на едната страна да не би влијаел на веродостојноста на податокот на другата страна и со отпорност таква, при нормална употреба лесно да не се кине или превиткува.

Во еден четирилистен комплет на образецот "АД" може да се внесат податоци за добрата кои се распоредуваат во три тарифни ознаки од Номенклатурата на Законот за царинска тарифа, при што сите тарифни ознаки треба да припаѓаат на една група акцизни добра (минерални масла, алкохол и алкохолни пијалаци, тутунски добра и патнички автомобили).


Упростен акцизен документ

Доколку движењето на акцизни добра се врши меѓу акцизни складови на ист имател на акцизна дозвола во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг, а за тоа постои стопанска потреба и не се нарушуваат даночните принципи по поднесено барање, Царинската управа може да одобри, по претходна согласност од министерот за финансии, наместо акцизен документ примена на упростен акцизен документ.

По поднесено барање и со претходна согласност од министерот за финансии, Царинската управа може да одобри примена на упростен акцизен документ наместо акцизен документ, доколку движењето на акцизни добра се врши помеѓу акцизни складови на ист имател на акцизна дозвола во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг, а за тоа постои стопанска потреба и не се нарушуваат даночните принципи.

Упростениот акцизен документ може да биде било кој трговски документ кој ги содржи најмалку следните елементи:

  • број на документот;
  • број на акцизниот склад од каде што се испраќаат акцизните добра;
  • број на акцизниот склад каде што се примаат акцизните добра;
  • име на превозникот и регистарски број на возилото;
  • ознака: "упростен акцизен документ";
  • датум на испраќање од акцизниот склад;
  • испратени количини според видот на акцизните добра;
  • датум на прием на акцизните добра;
  • примени количини според видот на акцизните добра;
  • потпис на примателот.

Документот треба да биде изготвен во два примерока и тоа:

    • првиот примерок се задржува во акцизниот склад од каде е испратено акцизното добро, кој неодложно се заведува во евиденцијата;
    • вториот примерок го прати акцизото добро до акцизниот склад каде се прима доброто, кој неодложно се заведува во евиденцијата.

Барањето за примена на упростен акцизен документ се поднесува на образец АК-УАД. Царинската управа одлучува по барањето за примена на упростен акцизен документ во рок од 60 дена од денот на приемот на барањето.