Лицата кои сакаат да произведуваат, складираат, примаат или испраќаат добра подлежни на акциза (минерални масла, алкохол и алкохолни пијалаци или тутунски добра) во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг, треба да поседуваат акцизна дозвола.


Акцизна дозвола може да стекне само лице кое ги исполнува следните услови:

  • врши или има намера самостојно да врши дејност и има седиште во Република Македонија;
  • води уредно деловни книги согласно со важечките прописи и редовно поднесува годишни пресметки во последните две години;
  • против кое не е покрената постапка за стечај, односно ликвидација и
  • редовно ги исполнува даночните и царинските обврски.

Доказите за исполнување на гореспоменатите услови за издавање на акцизна дозвола ги прибавува овластено службено лице од Царинската Управа доколку барателот поднесе уредно поплнет образец Барање со согласност за остварување на право за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност во акцизни постапки.


Во акцизните складови можат да се произведуваат, складираат, примаат или испраќаат добра подлежни на акциза при непостоење на услови за настанување на акцизен долг. Производството може да биде во форма на здобивање или преработка.


Акцизната дозвола се издава врз основа на барање кое се поднесува во Царинската управа на Образец АК-01 со придружни документи пропишани согласно Законот за акцизи и Правилникот за спроведување на законот за акцизите и според намената на акцизните складови (за производство и/или складирање) и по вид на акцизно добро.


По барање на Царинска управа барателот треба да обезбеди и други податоци, доколку тоа е неопходно за обезбедување на даночните принципи или на акцизниот надзор.


Акцизната дозвола ја издава Царинската управа по претходна согласност на министерот за финансии.
Акцизната дозвола се издава на подносителот на барањето и истата може да се отповика.
Акцизната дозвола не смее да се пренесува на друго лице.
Акцизната дозвола може да се однесува на еден или повеќе акцизни складови.


Акцизен склад


Дефиниција за акцизен склад

Акцизен склад претставува еден или повеќе меѓу себе поврзани заградени површини или простории кои претставуваат технолошка целина и каде имателот на акцизна дозвола произведува, складира, прима или испраќа добра подлежни на акциза во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг и кој треба да биде јасно обележан и физички одделен од останатите површини или простории.
Секој акцизен склад треба да е видливо нумериран.


Производство на акцизни добра

Во акцизниот склад може да се произведуваат (во форма на здобивање или во форма на преработка) само акцизни добра.


Во еден акцизен склад може да се произведува само една група на акцизни добра и тоа: група на минерални масла, група на алкохол и алкохолни пијалаци или група на тутунски добра.


Складирање на акцизни добра

Во акцизниот склад може да се складираат повеќе групи на акцизни добра, кои треба да се складираат прегледно по групи, видови и артикли.


Царинска управа, може да дозволи во еден акцизен склад, кога тоа го бараат технолошките карактеристики на складот, да се складираат акцизни добра на повеќе иматели на акцизна дозвола, во случаи ако се работи за ист вид на акцизни добра и доколку со тоа се спречува настанување на стопанска штета. Под ист вид на акцизни добра се подразбираат добрата кои се распоредени во иста десетцифрена тарифна ознака од номенклатурата на царинската тарифа.


Во случаите кога акцизните добра се складираат заедно, имателите на акцизна дозвола одговараат солидарно за случаите на настанување на акцизата во согласност со член 13 од Законот за акцизите.


Во акцизниот склад на еден имател на акцизна дозвола, кога тоа го бараат технолошките карактеристики на складот, Царинска управа може да дозволи да се складираат акцизни добра во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг и со платена акциза, во случаи ако се работи за ист вид на акцизни добра и доколку со тоа се спречува настанување на стопанска штета. Под ист вид на акцизни добра се подразбираат добрата кои се распоредени во иста десетцифрена тарифна ознака од номенклатурата на царинската тарифа.


Технички услови за акцизен склад

Во акцизниот склад може да се наоѓа само опрема која се користи за производство, складирање, примање или испраќање на акцизни добра.

Акцизниот склад треба да биде опремен со опрема која обезбедува точно мерење на количините на акцизни добра. Акцизниот склад мора да биде опремен со мерни уреди за утврдување на физичката количина според пропишаните мерни единици за пооделни акцизни добра. Поставувањето на мерните уреди мора да обезбеди утврдување на количините на произведени добра и количините на добрата што го напуштаат акцизниот склад.


Количински услови за акцизен склад

Акцизната дозвола може да се издаде на лица кои самостојно вршат дејност, доколку количината испорачана од складот во претходната календарска година за најмалку едно акцизно добро е поголема од пропишаната во Правилникот за спроведување на законот за акцизите и доколку годишната проценка на количината за испраќање најмалку за едно акцизно добро е над пропишаната.

Акцизната дозвола може да се издаде и на лица кои имаат намера самостојно да вршат дејност, доколку годишната проценка на количината за испраќање за најмалку едно акцизно добро биде над пропишаната во Правилникот.

Имателот на акцизна дозвола на крајот на секоја година врши проценка на очекуваното количинско испраќање по одделни акцизни добра за календарската година и најдоцна до крајот на март наредната година ја приложува до Царинска управа.

Ако со една акцизна дозвола се дозволува користење на повеќе акцизни складови, пропишаните количини се однесуваат на сите акцизни складови заедно.

Ако акцизниот склад започне со работа во текот на годината, пропишаните количини се определуваат соодветно со времето на работењето на складот.



Испраќање на тутунски добра од акцизен склад

Од акцизниот склад во една календарска година се испраќаат најмалку:

  • 500 милиони парчиња цигари или,
  • 100 килограми тутунски добра, освен цигари.



Обврски на имател на акцизна дозвола

Имателот на акцизна дозвола е должен:

  • да обезбеди соодветно чување на акцизните добра во акцизниот склад; да ги надгледува сите постапки, вклучително испораката и приемот на акцизни добра; да ги констатира загубите, односно кусоците; да ги истражи сите неправилности во работењето на акцизниот склад;
  • да обезбеди се што е потребно за непречено вршење на надзор;
  • да води евиденции на залихи на акцизни добра по видови и количества и евиденции за движењето на акцизните добра за секој акцизен склад и до Царинската управа да доставува тримесечен попис на залихи;
  • да ја известува Царинската управа за сите измени на податоците наведени во барањето за издавање акцизна дозвола и
  • во случај на статусна промена, проширување, ограничување или напуштање на дејност или основање и функционирање на нови акцизни складови, од Царинската управа да побара измена на акцизната дозвола.

Ако Царинската управа утврди дека имателот на акцизната дозвола не ги исполнува горенаведените обврски, се определува рок за отстранување на неправилностите.



Водење на евиденции на имател на акцизна дозвола

За водење на евиденции согласно член 9, 42-г и 52 од Законот за акцизите, потребни се и следните податоци:

  1. Состојба на залихи на акцизните добра во почетокот на секое календарско тримесечие;
  2. Количина и вредност на набавени акцизни добра со вклучена акциза;
  3. Вредност на примени акцизни добра по престанок на царинскиот надзор во смисла на член 4 став 2 од Законот за акцизите, од други акцизни складишта, од повластени корисници;
  4. Вредност и количина на испратени акцизни добра кон друг акцизен склад, кон имател на акцизно одобрение, за извоз, кон дипломатски и конзуларни претставништа и меѓународни организации, кон воените сили на Северноатланскиот пакт и други испраќања на акцизни добра кои се ослободени од акциза согласно член 25 точки 1, 2, 3 и 4 и член 32 ставови (3) и (4) од Законот за акцизите;
  5. Употребени акцизни добра како материјал за производство на други акцизни добра, како мостра за анализа во врска со тестирање на производството, односно за научни цели;
  6. Употребени акцизни добра за царинска контрола и за контрола на квалитетот која во акцизниот склад ја извршува овластено лице;
  7. Уништување на акцизните добра под царински надзор, кусокот што се создал поради непредвидени околности или виша сила (освен кражба) или произлегува од процесот на производство, складирање или превоз на добрата;
  8. Денатурирање на алкохолот во согласност со член 25 став 1 точка 3 од Законот за акцизите;
  9. Пуштање на акцизни добра во акцизно-правен слободен промет, вклучувајќи ги и количините на акцизни добра за потрошувачка во акцизниот склад.
  10. Попис на затечени залихи на тутунски добра во акцизен склад, надвор од акцизен склад и затечени залихи на подигнати контролни марки на денот на почетокот на примената на зголемената акциза за тутунски добра и на денот на почетокот на примената на зголемената малопродажна цена.
  11. Податоци од страна на овластениот дистрибутер за затечени залихи на тутунски добра во своите складови и во други свои простори, како и во складовите и просторите на со нив поврзани друштва.
  12. Попис на затечени залихи на меѓупроизводи и етил алкохол во акцизен склад, надвор од акцизен склад и затечени залихи на подигнати контролни марки на денот на почетокот на примената на зголемената акциза за меѓупроизводи и етил алкохол и
  13. податоци од страна на овластениот дистрибутер за затечени залихи на меѓупроизводи и етил алкохол во своите складови и во други свои простори, како и во складовите и просторите на со нив поврзани друштва.

Имателот на акцизна дозвола води евиденција согласно претходниот став, така да во секој момент се утврдува состојбата со залихите на акцизните добра според видот и количините, како и збирни податоци по групи на акцизни добра.

Имателот на акцизната дозвола ја води и чува евиденцијата во акцизниот склад.

Царинска управа може во секое време, од имателот на акцизната дозвола, да побара да се изврши попис на акцизните добра во акцизниот склад.

Надлежниот орган може од акцизниот склад без надомест да зема примероци од акцизни добра за истражување.

Имателот на акцизна дозвола треба неодложно написмено да ја известува Царинска управа за задолжувањата, очекуваната или заведената неликвидност, како и за започнување на постапка на стечај.

Царинска управа треба неодложно написмено да биде известена од наследниците за смртта на имателот на акцизна дозвола, од ликвидаторите за решението за ликвидација, од имателот на акцизна дозвола и стечајниот управник за постапката на стечај.


Престанување на важењето на акцизната дозвола

Акцизната дозвола престанува да важи:

  1. ако имателот на акцизна дозвола-физичко лице почине;
  2. со престанување на постоењето на правното лице имател на акцизна дозвола;
  3. со враќање на акцизна дозвола и
  4. ако Царинската управа ја одземе акцизната дозвола.

Царинската управа донесува решение за одземање на акцизната дозвола ако нејзиниот имател повеќе не ги исполнува условите утврдени во неа, а особено:

  • ако не обезбедува соодветен систем на надзор на состојбата на залихи и ако не врши пописи во роковите утврдени во акцизната дозвола;
  • ако престанат да постојат причините и условите врз основа на кои е издадена акцизната дозвола;
  • ако дозволата е издадена врз основа на непотполни или неточни информации;
  • ако не ги отстрани неправилностите во рокот определен од Царинската управа;
  • кога ќе започне постапка на стечај, односно ликвидација
 
Регистар на иматели на акцизна дозвола

Царинската управа води посебен регистар на иматели на акцизна дозвола.
Регистарот на имателите на акцизна дозвола ги содржи следниве податоци:
  1. бројот на акцизната дозвола издадена на имателот на акцизна дозвола;
  2. името и адресата на имателот на акцизна дозвола и на акцизниот склад, односно складовите;
  3. видот на акцизните добра на кои се однесува акцизната дозвола и
  4. датумот на издавањето на акцизната дозвола и датумот на нејзиното одземање.



Бришење од регистарот на имателите на акцизна дозвола

Бришењето од регистарот на имателите на акцизна дозвола се врши:

  1. со барање на законскиот наследник, односно ополномоштеник во случаите од членот 10 став 1 точка 1 на Законот за акцизите;
  2. со барање на имателот на акцизната дозвола во случаите од членот 10 став 1 точки 2 и 3 на Законот за акцизите и
  3. по службена должност од страна на Царинската управа во случаите од членот 10 став 1 точка 4 на Законот за акцизите.

Барањето за бришење од регистарот на иматели на акцизна дозвола се поднесува до Царинската управа. Барањето се поднесува на образец „АК-ББР“.