На акциза на тутунски добра подлежат:

  1. пури и цигарилоси
  2. цигари
  3. тутун за пушење, и тоа:
    • фино сецкан тутун за виткање цигари и
    • друг тутун за пушење.

Пури и цигарилоси се свитоци од тутун наменети за пушење со внатрешна обвивка или со внатрешна и надворешна обвивка, кои се:

  • направени исклучиво од природен тутун;
  • со надворешна обвивка од природен тутун или
  • со надворешна обвивка во боја на пура и внатрешна обвивка, двете од хомогенизиран и реконструиран тутун, ако најмалку 60% од парчињата тутун во нив имаат ширина и должина поголема од 1,75 мм, надворешната обвивка е замотана спирално, а пурата има врв заострен за 30% степени во однос на оската на пурата или
  • со надворешна обвивка во боја на пура и внатрешна обвивка, двете од хомогенизиран и реконструиран тутун, ако нивната тежина по парче без филтер и додаток за во уста изнесува 2,3 гр. или повеќе и ако најмалку 60% од парчињата тутун во нив имаат ширина и должина поголема од 1,75 мм, а ширината на нивната обвивка во најмалку една третина од должината на ролната изнесува 34 мм. Тежина по парче е просечната тежина на 1000 парчиња без филтер и додаток за во уста во времето на настанувањето на акцизата.

Цигари се:

  • свитоци од тутун, непосредно наменети за пушење, а не се пури или цигарилоси согласно со ставот (2) од член 41 од Законот за акцизите;
  • свитоци од тутун кои во едноставен неиндустриски процес се вметнуваат во хартиена обвивка за цигари и
  • свитоци од тутун кои во едноставен неиндустриски процес се виткаат во листови хартија за цигари.

Тутун за пушење (фино сецкан тутун за виткање цигари и друг тутун за пушење) е сецкан или на друг начин иситнет, ткаен (развлакнет) или во плочи пресуван тутун кој може да се пуши без понатамошна индустриска обработка. Тутунскиот отпад се смета за тутун за пушење, кога е наменет за пушење и малопродажба, а не спаѓа во пури и цигарилоси според ставот (2) од член 41 или во цигари според ставот (3) од член 41 од Законот за акцизите.

Тутунот за пушење се смета за фино сецкан тутун за виткање цигари ако 25% по маса од парчињата тутун имаат ширина помала од 1 мм. Тутунот за пушење, се смета за фино сецкан тутун и ако 25% по маса од парчињата тутун имаат ширина поголема од 1 мм и кој е продаден или наменет да се продаде за виткање цигари.

Тутун за пушење како друг тутун за пушење, од ставот (4) од член 41, освен ситно сецканиот тутун за виткање цигари од ставот (5) од член 41 од Законот за акцизите.


Пресметковна основа

Малопродажна цена е поединечната цена која ја одредува производителот или увозникот како единечна трговска цена за пури, цигарилоси и цигари по парче и за тутун за пушење по килограм.

Доколку е одредена само цената по пакување, за малопродажна цена се смета цената која произлегува од цената по пакување и содржината на пакувањето.

За пресметувањето на акцизата за тутун за пушење меродавна е нето-тежината во моментот на настанувањето на акцизата.

Производителот, односно увозникот утврдува малопродажна цена и за добрата кои се отуѓуваат без надомест. Оваа цена не смее да биде помала од поединечната цена на соодветните тутунски добра.

Производителот, односно увозникот е должен малопродажната цена на тутунските добра да ја пријави во Царинската управа и да ја објави во "Службен весник на Република Македонија", пред пуштањето на тутунските добра по така утврдените цени во акцизно правен слободен промет.


Комбинирана акциза

Акцизата на пури и цигарилоси изнесува 21,37 ден. по парче и 0% од малопродажната цена;

Акцизата на цигари изнесува 1,353 ден. по парче и 9% од малопродажната цена; Ако комбинирана акциза е под износот од 1,553 ден. по парче се применува минималната акциза во тој износ. Од 1 јули 2014 година заклучно со 1 јули 2015 година, стапките на специфичната и минималната акциза на цигарите се зголемуваат за 0,15 денари по парче на 1 јули во секоја година. Од 1 јули 2016 година заклучно со 1 јули 2023 година, стапките на специфичната и минималната акциза на цигарите се зголемуваат за 0,20 денари по парче на 1 јули во секоја година.

Акцизата на тутун за пушење како фино сецкан тутун изнесува 1.500,00 ден по килограм и 0 % од малопродажната цена. Од 1 јули 2014 година заклучно со 1 јули 2023 година, износот на акциза на тутун за пушење како фино сецкан тутун се зголемува за 50 денари по килограм на 1 јули во секоја година.

Акцизата на тутун за пушење како друг тутун за пушење изнесува 1.350,00 ден по килограм и 0% од малопродажната цена.