Добрата подлежни на акциза можат да се користат за наменски цели ослободени од акциза или со повластена акциза.

Лицето кое има намера да користи акцизни добра подлежни на акциза (етил алкохол или минерални масла) за наменски цели со акцизно-повластено користење треба да поседува одобрение издадено од Царинската управа.

Одобрение за акцизно-повластено користење може да стекне само лице кое ги исполнува следниве услови:

  • врши или има намера самостојно да врши дејност и има седиште во Република Македонија;
  • води уредно деловни книги согласно со важечките прописи и редовно поднесува годишни пресметки во последните две години;
  • против кое не е покрената постапка за стечај, односно ликвидација и
  • редовно ги исполнува даночните и царинските обврски.

Доказите за исполнување на гореспоменатите услови за издавање на одобрение за акцизно повластено користење ги прибавува овластено службено лице од Царинската Управа доколку барателот поднесе уредно пополнет образец Барање со согласност за остварување на право за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност во акцизни постапки.

Одобрението се издава врз основа на барање кое се поднесува во Царинската управа на образец АК-02 со придружни документи пропишани согласно Законот за акцизи и Правилникот за спроведување на законот за акцизите и според намената и видот на акцизното добро за кое се бара одобрение за повластено користење.

Одобрението го издава Царинската управа по претходна согласност на министерот за финансии.

Одобрението се издава на подносителот на барањето и истото може да се отповика.

Одобрението не смее да се пренесува на друго лице.

Царинската управа одлучува по барањето за издавање одобрение во рок од два месеца од денот на приемот на барањето.


Обврски на имателот на одобрение за акцизно-повластено користење

Имателот на одобрението е должен:

  1. да обезбеди соодветно чување на акцизните добра во складот; да ги надгледува сите постапки, вклучително испораката и приемот на акцизни добра; да ги констатира загубите, односно кусоците; да ги документира и кај Царинската управа да ги пријави сите неправилности при акцизно-повластеното користење;
  2. да обезбеди се што е потребно за непречено вршење на надзор;
  3. да води евиденции на залихи на акцизни добра по видови и количества и евиденции за движењето на акцизните добра и до Царинската управа да доставува тримесечен попис на залихи и
  4. да ја известува Царинската управа за сите измени на податоците наведени во барањето за издавање одобрение.

Ако Царинската управа утврди дека имателот на одобрението не ги исполнува горенаведените обврски, определува рок за отстранување на неправилностите.


Водење на евиденции на имател на акцизно одобрение

За водење на евиденции согласно член 22 и 52 од Законот за акцизите, потребни се и следните податоци:

  1. состојба на залихи на акцизни добра во почетокот на секое календарско тримесечие;
  2. оличини на акцизни добра транспортирани во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг по престанокот на царинскиот надзор во смисла на член 4 став 2 на Законот за акцизите и од иматели на акцизна дозвола;
  3. збирни податоци за примените количини на акцизни добра во акцизниот период;
  4. користење на акцизни добра за намените од член 25 став 1 точки 1 и 4, член 32 и член 39 од Законот за акцизите;
  5. количината на уништени акцизни добра под царински надзор, кусокот што се создал поради непредвидени околности или виша сила (освен кражба) или кој произлегува од процесот на производство, складирање или превоз на добрата;

Имателот на акцизно одобрение води евиденција согласно претходниот став така што во секој момент може да се утврди состојбата со залихите на акцизните добра според видот и количините, како и збирни податоци по групи на акцизни добра.

Евиденцијата на залихи на акцизни добра имателот на акцизно одобрение ја става на располагање на Царинска управа на нејзино барање.

Царинска управа може било кога да бара попис на акцизните добра во местото на акцизно повластено користење.

Доколку дојде до загуби на повластени акцизни добра кои се повисоки од вообичаените согласно утврдените стандарди, имателот на акцизно одобрение треба тоа неодложно да го пријави кај надлежниот орган.

Надлежниот орган може од местото на акцизно повластено користење без надомест да зема примероци од акцизни добра за истражување.

Имателот на одобрение за акцизно повластено користење треба неодложно на писмено да ја известува Царинска управа за задолжувањата, очекуваната или заведената неликвидност, како и за започнување на постапка на стечај.


Престанување на важењето на одобрението за акцизно-повластено користење

Одобрението престанува да важи:

  1. ако имателот на одобрението-физичко лице почине;
  2. со престанување на постоењето на правното лице имател на одобрението;
  3. со враќање на одобрението и
  4. ако Царинската управа го одземе одобрението.

Царинската управа донесува решение за одземање на одобрението ако неговиот имател повеќе не ги исполнува условите утврдени во него, а особено:

  • ако не обезбедува соодветен систем на надзор на состојбата на залихи и ако не врши пописи во роковите утврдени во одобрението;
  • ако престанат да постојат причините и условите врз основа на кои е издадено одобрението;
  • ако одобрението е издадено врз основа на непотполни или неточни информации;
  • ако не ги отстрани неправилностите во рокот определен од надлежниот орган;
  • кога ќе започне постапка на стечај, односно ликвидација.


Регистар на иматели на акцизно одобрение

Царинската управа води посебен регистар на иматели на акцизно одобрение.

Регистарот на иматели на акцизното одобрение ги содржи следните податоци:

  1. бројот на акцизното одобрение издадено на имателот на акцизното одобрение;
  2. името и адресата на имателот на акцизното одобрение и на складот, односно складовите;
  3. видот на акцизни добра на кои се однесува акцизното одобрение и
  4. датумот на издавањето на акцизното одобрение и датумот на неговото одземање.


Бришење од регистарот на имателите на на акцизно одобрение

Бришењето од регистарот на имателите на акцизното одобрение се врши:

  1. со барање на законскиот наследник односно ополномоштеник во случаите од членот 23 став 1 точка 1 на Законот за акцизите;
  2. со барање на имателот на акцизно одобрение во случаите од членот 23 став 1 точки 2 и 3 на Законот за акцизите и
  3. по службена должност од страна на Царинската управа во случаите од членот 23 став 1 точка 4 на Законот за акцизите.

Барањето за бришење од регистарот на имателите на акцизно одобрение се поднесува до Царинската управа. Барањето се поднесува на образец „АК-ББР“.