Минералните масла се ослободени од акциза, со поседување на одобрение за акцизно повластено користење издадено од Царинската управа, во случаите кога:

  • Не се користат како погонско гориво или за греење, освен минералните масла наведени во членот 29 на Законот за акцизите;
  • Се користат во воздушен сообраќај со исклучок на користењето во воздушниот сообраќај за приватни намени. Под користење на воздухопловно средство за приватни намени се смета користењето на воздухопловното средство за непрофитна дејност од страна на сопственикот, изнајмувачот или друго лице, кога не се употребува за превоз на патници или добра или за извршување на услуги со надомест;
  • Се вбризгуваат во високите печки како додаток на главното гориво-кокс во рамките на хемиски редукциски постапки и
  • Ги набавуваат Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи за специјалните возила за целите на одбраната и безбедноста.

Минералните масла се ослободени од акциза кога се користат за производство на минерални масла од членот 28 од Законот за акцизите. Ова ослободување не се однесува на непроизводни цели, а вклучително не на користењето за погонски возила.

Минерални масла се ослободени од акциза при нивниот увоз и при пуштање во акцизно правен слободен промет кога се наменети за реализација на проект финансиран со парични средства добиени врз основа на договор за донација, склучен помеѓу Република Македонија и странски донатори, ако во тој договор е предвидено дека со добиените парични средства нема да се плаќаат даноци. Минерални масла се ослободени од акциза при нивниот увоз и при пуштање во акцизно правен слободен промет кога се наменети за реализација на проектите кои се финансирани во рамки на инструментот за претпристапна помош (ИПА) кој се спроведува во услови на децентрализирано управување, и за делот на средствата од националното кофинансирање обезбедено од Буџетот на Република Македонија или задолжување. При увоз за остварување на ослободувањето се поднесува барање од страна на увозникот на минерални масла.


Постапка за примена акцизното ослободување на минерални масла

Имателот на акцизна дозвола го применува акцизното ослободување на минерални масла за намените од член 32 став 1 од Законот за акцизите на следниот начин:

  • Минералните масла се испраќаат од акцизниот склад врз основа на писмена нарачка од имател на одобрение за акцизно повластено користење, во која мора да се наведе видот и количината на минералното масло;
  • Имателот на одобрение за акцизно повластено користење пред превземањето на минералните масла, односно пред доставувањето на фактурата, на имателот на акцизната дозвола да му даде писмена изјава дека минералните масла ќе ги користи исклучиво за намена од член 32 став 1 од Законот за акцизите (со наведување на соодветната точка). Во писмената изјава треба да се наведе и бројот и датумот на издаденото одобрение врз основа на кое може да се испраќа минералното масло ослободено од акциза со напомена дека се уште не е искористена количината на акцизните добра наведена во одобрението;
  • На фактурата да ја запише клаузулата дека минералните масла се испратени без пресметана акциза и врз основа на писмена изјава на имател на одобрение за акцизно повластено користење;
  • Да ја чува од имателот на одобрение за акцизно повластено користење добиената изјава и примерокот од фактурата.

Ако минералните масла се испраќаат врз основа на договор за сукцесивни испораки, писмената изјава може да биде дадена во првата нарачка или во договорот за сукцесивни испораки, а кај понатамошните набавки имателот на акцизна дозвола на фактурата се повикува на бројот и на датумот на таа нарачка односно на договорот за сукцесивни испораки во кој е дадена таква писмена изјава.

Имателот на акцизна дозвола води евиденција за иматели на одобрение за акцизно повластено користење и евиденција за испратените количини на акцизни добра, по видови, ослободени од акциза и копија од овие евиденции доставува до Царинска управа до крајот на наредниот месец по истек на акцизниот период.

За остварување на ослободување од акциза при пуштање во акцизно правен слободен промет на минерални масла, согласно член 32 ставови (3) и (4) од Законот за акцизите до Министерството за финансии се поднесува барање на Образец А2-ММ во два примерока.

Кон барањето се приложуваат следните документи:

  1. профактура или договор за купопродажба во која како купувач е наведен имплементаторот на проектот;
  2. копија од потврда за регистрација на проектот во Владата на Република Македонија-Генерален секретаријат-Сектор за европска интеграција-Одделение за координација на странска помош која ги содржи следните податоци:
    • називот на проектот на македонски и англиски јазик;
    • вредноста на донацијата за соодветниот проект;
    • име на имплеменаторот кој е задолжен за реализирање на проектот и
    • датум на договорот склучен помеѓу Владата на Република Македонија и странскиот донатор, во кој има клаузула дека донираните средства не можат да се користат за плаќање на јавни давачки во Република Македонија.

За остварување на ослободување од акциза при пуштање во акцизно правен слободен промет на минерални масла, согласно член 32 ставови (3) и (4) од Законот за акцизите, имплементаторот кој е задолжен за реализација на проектот наведен во потврдата за регистрација на проектот во Владата на Република Македонија до имател на акцизна дозвола доставува потврда за ослободување од акциза при пуштање во акцизно правен слободен промет на минерални масла издадена од Министерството за финансии.

Ослободувањето од акциза при пуштање во акцизно правен слободен промет на минерални масла за намените од член 32 ставови (3) и (4) од Законот за акцизите имателот на акцизна дозвола го врши на следниот начин:

  • минералните масла се испраќаат од акцизен склад до имател на потврда за ослободување од акциза при пуштање во акцизно правен слободен промет на минерални масла врз основа на писмена нарачка, во која мора да се наведе видот и количината на минерални масла;
  • имателот на потврда за ослободување од акциза при пуштање во акцизно правен слободен промет на минерални масла пред превземањето на минералните масла на имателот на акцизна дозвола треба да достави писмена изјава дека минералните масла ќе ги користи исклучиво за намена од член 32 од Законот за акцизите. Во писмената изјава треба да се наведе и бројот и датумот на издадената потврда за ослободување од акциза при пуштање во акцизно правен слободен промет на минерални масла од Министерството за финансии;
  • имател на акцизна дозвола на фактурата треба да запише клаузула дека минералните масла се испратени (продадени) без пресметана акциза и врз основа на писмена изјава на имател на потврда за ослободување од акциза при пуштање во акцизно правен слободен промет на минерални масла; и
  • имателот на акцизна дозвола треба да ги чува фактурите со клаузула дека минералните масла се испратени (продадени) без пресметана акциза и писмената изјава на имателите на потврда за ослободување од акциза при пуштање во акцизно правен слободен промет на минерални масла согласно член 54 од Законот за акцизите.

Ако минералните масла се испраќаат врз основа на договор за сукцесивни испораки, писмената изјава на имателот на потврда за ослободување од акциза при пуштање во акцизно правен слободен промет на минерални масла може да биде дадена во првата нарачка или во договорот за сукцесивни испораки, а кај понатамошните набавки имателот на акцизна дозвола на фактурата се повикува на бројот и датумот на таа нарачка односно на договорот за сукцесивни испораки во кој е дадена таква писмена изјава.

Имателот на акцизна дозвола води евиденција за испратени (продадени) количини на минерални масла кои се ослободени од акциза по имплементатор на проект, вид, количина и вредност на минерални масла кои му се испорачани (продадени), за секој имплементатор на проект поединечно и вкупна евиденција. Копија од евиденциите имателот на акцизна дозвола се доставува до Царинската управа до крајот на наредниот месец по истек на акцизниот период.

Имплементаторот на проектот води евиденција за примени количини на минерални масла кои се ослободени од акциза по вид, количина и вредност на минерални масла кои му се испорачани (продадени), од секој испраќач поединечно и вкупна евиденција.