Мал независен производител на пиво е лице кое произведува пиво како дел од неговата регистрирана дејност и ги исполнува следниве услови:

  1. има годишно производство на пиво не повеќе од 150.000 литри,
  2. правно и економски е независен од било кој друг производител на пиво,
  3. производствените и оперативни објекти не се технолошки поврзани со производствените и оперативните објекти на друго лице кое произведува пиво како дел од неговата регистрирана дејност, и
  4. не произведува пиво со лиценца

Под годишно производство на пиво се подразбира планираната количина на пиво која ќе се однесува на наредната календарска година односно произведено пиво во текот на календарската година.

Одредбите со кои се уредуваат постапките за поднесување на барањето и издавањето на акцизна дозвола, како и обврските на имателот на акцизна дозвола важат и за малиот независен производител на пиво.

Доколку мал независен производител на пиво произведува пиво со лиценца, за произведеното пиво ќе плаќа акциза согласно член 36 став (1) од Законот за акцизите.

Произведеното пиво со лиценца влегува во вкупното годишно производство на пиво, а на произведеното пиво без лиценца ќе се доплаќа разлика во акцизата при премин од една во друга група согласно член 38-б од Законот за акцизите.


Акциза на пиво произведено кај мал независен производител

Акцизата на пиво кое го произведуваат мали независни производители и кое се продава на територијата на Република Македонија се плаќа според следните групи во зависност од годишното производство на пиво:

  1. За годишно производство на пиво што не надминува 50.000 литри, во висина од 50% од пропишаната акциза во член 36 став (1) од Законот за акцизите,
  2. За годишно производство на пиво што надминува 50.000 но не надминува 75.000 литри, во висина од 60% од пропишаната акциза во член 36 став (1) од Законот за акцизите,
  3. За годишно производство на пиво што надминува 75.000 но не надминува 100.000 литри, во висина од 70% од пропишаната акциза во член 36 став (1) од Законот за акцизите, и
  4. За годишно производство на пиво што надминува 100.000 но не надминува 150.000 литри, во висина од 80% од пропишаната акциза во член 36 став (1) од Законот за акцизите.

Акциза се пресметува врз основа на месечното произведено пиво во определена група. При премин од една во друга група на вкупно производство на пиво, акцизата се пресметува во процентуален износ кој се однесува на пропишаната група.

Малиот независен производител на пиво е должен да поднесе акцизна пријава за разликата од една до друга количина при премин од една во друга група, при што акциза се плаќа во повисок износ од претходно утврдениот, а на веќе произведените количини за кој е платена помала акциза се доплаќа разликата во акцизата.

Ако во текот на календарската година малиот независен производител на пиво произведе количина на пиво поголема од од 150.000 литри, должен е во рок од 15 дена за новонастанатата ситуација да ја извести Царинската управа и побара промена на акцизната дозвола, а на произведената количина на пиво под пропишаната во член 38-а став (1) точка 1) од Законот за акцизите ќе пресмета и доплати разлика во акциза до износ од пропишаната во член 36 став (1) од Законот за акцизите. За произведената количина пиво над пропишаната во член 38-а став (1) точка 1) од Законот за акцизите ќе пресмета и плати акциза пропишана во член 36 став (1) од Законот за акцизите.

Акцизната пријава за мал независен производител на пиво се поднесува на образец АКЦ-МНПП.