Акцизата на меѓупроизводи и етил-алкохол се плаќа со користење на контролни марки.
Контролните марки тип 1, 2, 3 и 4 се изработуваат од бездрвна хартија во правоаголна форма, контролните марки тип 5 и 6 се изработуваат од бездрвна самолеплива хартија во правоаголна форма. Контролните марки се со димензии:

  1. тип 1 со 130мм х 20мм
  2. тип 2 со 80 мм х 15 мм
  3. тип 3 со 60мм х 15 мм
  4. тип 4 со 130мм х 20 мм
  5. тип 5 со 60мм х 15 мм
  6. тип 6 со 60мм х 15 мм
  7. тип 7 со 60мм х 15 мм.

Контролни марки добива имателот на акцизна дозвола или увозникот.

Пуштањето на меѓупроизводите и етил-алкохолот во акцизноправен слободен промет на акцизната територија е дозволено само ако овие добра се обележени со контролна марка.

При подигнувањето на контролните марки настанува долг за контролни марки во висина на акцизната вредност на марките.

Обврската за употреба на контролни марки не важи за меѓупроизводите и етил-алкохолот кои се ослободени од акциза и во случаите кога:

  • Патниците кои внесуваат од странство меѓупроизводи и етилалкохол, кои не се опфатени во член 25 став (1) точка 5) на Законот за акцизите и државјаните на Република Македонија и странските државјани кои примаат од странство меѓупроизводи и етил-алкохол согласно со царинските прописи ја плаќаат акцизата на друг начин освен преку контролни марки. Акцизата мора неодложно да се пријави кај надлежниот царински орган и веднаш да се плати.
  • Во случаи кога меѓупроизводите и етил-алкохолот се пуштаат во акцизно правен слободен промет на меѓународен саем, изложба или друга приредба или како мостри, плаќањето на акцизата може да се врши на друг начин освен преку употреба на контролни марки.
  • Акцизата мора неодложно да се пријави кај надлежниот орган.


Пријавување на контролни марки

Имателот на акцизна дозвола или увозникот, своите месечни потреби од контролни марки ги пријавува од 1 до 5 во тековниот месец за наредниот месец.

Имателот на акцизната дозвола или увозникот, своите месечни потреби од контролни марки ги пријавуваат од 1-ви до 05-ти во тековниот месец за наредниот месец. Со пријавата П-МЕА доставуваат и доказ за платените трошоци за печатење, транспорт, чување и издавање на контролните марки кои ги пријавуваат.

Имателот на акцизната дозвола или увозникот, ги пријавува до Царинска управа, планираните количини на контролни марки за наредната година, искажани по тримесечја, најдоцна до 30-ти ноември во тековната година.

Пријавата се поднесува до Царинска управа на образецот - Пријава за планираните количини на контролни марки за обележување на меѓупроизводи и етил алкохол ("П-МЕА").


Издавање на контролните марки

Издавање на контролните марки се врши по барање на имателот на акцизната дозвола или увозникот.

Издавањето на контролните марки се врши на посебен образец - Барање за преземање на контролни марки за обележување на меѓупроизводи и етил алкохол ("Б-МЕА").

Контролните марки се издаваат во најмал број од 600 парчиња, според одделна серија и одделни ознаки. По исклучок, на барање на имателот на акцизна дозвола или увозникот, во случаите кога се користат нестандардни пакувања, ексклузивни серии, ограничени количини наменети за промотивни цели и слично, Царинската управа може да одобри издавање на контролни марки во број помал од 600 парчиња.

Имателот на акцизната дозвола или увозникот ги подига контролните марки преку овластено лице.

За издадените контролни марки, Царинска управа решението за долгот за контролни марки го издава во висина на нивната акцизна вредност. При увоз, на царинскиот орган се поднесува споменатото решение.

Контролната марка треба да биде залепена на соодветната опаковка на алкохолниот пијалак, односно шишето, така што при отворањето ќе мора да се оштети.
Контролната марка се лепи на секое поединечно комерцијално пакување, на тој начин што средината на контролната марка се лепи на затварачот, а останатите делови на грлото од едната и другата страна, така што при отварањето на поединечното комерцијално пакување да се оштети марката.

Контролните марки се лепат редоследно, според серијата.
Рокот за подигнување на пријавените контролни марки е три месеци.


Постапување при зголемување на акцизата на меѓупроизводи и етил алкохол

Во случај на зголемување на акцизата производителот и увозникот на меѓупроизводи и етил алкохол се должни на денот на почетокот на примена на истата, да направат попис на затечени залихи на меѓупроизводи и етил алкохол во акцизни складови или складови на увозникот или во други нивни простории кои се обележани со контролни марки, без контролни марки и затечените залихи на подигнати контролни марки и да подготват записник за извршениот попис.

Секој овластен дистрибутер на производителот и увозникот на меѓупроизводи и етил алкохол е должен на денот на почетокот на примената на зголемената акциза за меѓупроизводи и етил алкохол да направи попис на затечени залихи на меѓупроизводи и етил алкохол во своите складови и во други свои простори како и во складови и простории на со нив поврзани друштва и да подготви и достави записник од извршен попис до Царинската управа и до производителот или увозникот на меѓупроизводи и етил алкохол, не подоцна од два работни дена од денот на извршениот попис.

Поврзано друштво е правно лице со регистрирано седиште во Република Македонија кое е поврзано друштво во смисла на одредбите од Законот за трговските друштва со дистрибутерот на меѓупроизводи и етил алкохол и кое е овластено да врши трговија на големо со меѓупроизводи и етил алкохол во согласност со закон.

Производителот и увозникот се должни да ја пресметаат зголемената акциза на вкупната затечена залиха и да достават барање за доплата на акциза – образец АК-ДА заедно со направената пресметка и записници, доколку акцизата на денот на извршениот попис е поголема од платената акциза за подигнатите контролни марки.

Барањето за доплата на акциза заедно со пресметката и записниците се поднесуваат до Царинската управа не подоцна од пет работни дена од денот на извршениот попис. Врз основа на доставеното барање, Царинската управа донесува решение за доплата на разликата помеѓу платената акциза и зголемената акциза при промена на акциза.

Овластениот дистрибутер е должен да му ја надомести разликата во акцизата на производителот и увозникот на меѓупроизводи и етил алкохол за залихата, што е во неговите складови и во други свои простори, како и во складовите и просторите на со него поврзани друштва, при нејзината промена во рок од 30 дена од денот на извршениот попис.

Царинската управа одлучува по барањето во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето.


Водење на евиденции на увозникот на меѓупроизводи и етил алкохол на денот на почетокот на примена на зголемената акциза за меѓупроизводи и етил алкохол

За водење на евиденции на увозникот на меѓупроизводи и етил алкохол на денот на почетокот на примената на зголемената акциза за меѓупроизводи и етил алкохол потребни се следните податоци:

  1. попис на затечени залихи на подигнати контролни марки кај увозникот на меѓупроизводи и етил алкохол,
  2. попис на затечени залихи на меѓупроизводи и етил алкохол со и без залепени контролни марки во складови на увозникот на меѓупроизводи и етил алкохол и
  3. податоци од страна на овластениот дистрибутер за затечени залихи на меѓупроизводи и етил алкохол во своите складови и во други свои простори.