Акцизите се наплаќаат посредно или непосредно за потрошувачка на територијата на Република Македонија на следните производи:

  • минерални масла,
  • алкохол и алкохолни пијалаци,
  • тутунски добра и
  • патнички автомобили

Овие производи се подлежни на акциза со нивното производство или со нивниот увоз на акцизната територијата.

Царинската управа е единствен надлежен орган за администрирање на акцизите на целата територија на државата, како и за спроведување контроли над имателите на акцизни дозволи и акцизни одобренија, како и над учесниците во трговски операции кои вклучуваат промет со акцизни добра.


Настанување на акцизата

Акцизата настанува со предавање на добрата подлежни на акциза во потрошувачка во акцизен склад или со нивното изнесување од него, освен ако не се надоврзува користење на добрата во акцизниот склад ослободено од акциза или нова постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг. Акцизен должник е имателот на акцизна дозвола. Во случаите на противправно пуштање на добрата во акцизно-правен слободен промет, акцизен должник станува и лицето кое го извршило дејствието.

Доколку доброто подлежно на акциза се произведе надвор од постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг, акциза настанува со производството. Акцизен должник е производителот. Тој е обврзан, за доброто подлежно на акциза, за кое настанала акциза, неодложно да предаде акцизна пријава. Акцизата се плаќа веднаш.

Добрата подлежни на акциза, кои се наоѓаат во акцизен склад во моментот на престанување на важењето на акцизната дозвола, важат за пуштени во акцизно-правен слободен промет, освен ако истите не се пренесат во друг акцизен склад во рок од десет дена од денот на престанување на важењето на акцизната дозвола. Акцизен должник е имателот на акцизна дозвола.

Акциза настанува за кусокот кој ќе се утврди при пропишан или службено спроведен попис, освен доколку не се утврди губење на добрата. Калирањето се третира како губење на доброто. Акцизен должник е имателот на акцизна дозвола.

Акцизата настанува и во моментот на излегување на добрата од постапката на непостоење на услови за настанување на акцизен долг при нејзиното транспортирање во таквата постапка, освен ако се работи за калирање на добрата. Истото важи и кога добрата не му се испорачуваат на примателот наведен во акцизниот документ, освен во случаите кога тие непосредно му се предаваат на друго лице во акцизната територија, кое е овластено за примање на добра подлежни на акциза во постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг или во случаите на докажливо губење на добрата поради непредвидени околности или виша сила. Акцизен должник е испраќачот, или пак превозникот, царинскиот декларант или сопственикот на добрата, доколку некој од нив дал гаранција при постапката на испраќање на добрата наместо испраќачот. Акцизен должник ќе стане примателот на доброто на акцизната територија, доколку тоа се наоѓа во негово владение пред настанувањето на акцизата. Акцизен должник станува и лицето кое противправно го присвојува доброто.

Акциза настанува за акцизно-повластени акцизни добра, кои се користат спротивно на нивната намена. Користење спротивно на намената се утврдува за случаите кога доброто подлежно на акциза ќе се користи спротивно на акцизно-повластеното користење наведено во неговата наменска цел или кога тоа веќе не може да се употреби за наменската цел. Акциза не настанува во случаите на губење на добрата поради непредвидени околности или виша сила. Калирањето се третира како губење на доброто поради непредвидени околности или виша сила. Акцизен должник е лицето кое поседува одобрение за акцизно-повластено користење, а го користи доброто спротивно на намената. Акцизниот должник треба за доброто подлежно на акциза, за кое настанала акциза, неодложно да предаде акцизна пријава, во која сам ќе ја пресмета акцизата. Акцизата се плаќа веднаш.

Во случаите на увоз на акцизни добра на акцизната територија важат соодветните царински прописи (освен ако поинаку не е предвидено со Законот за акцизите) во поглед на настанувањето на акцизата, моментот кој е меродавен за нејзино пресметување, одредувањето на акцизниот должник, роковите за плаќање, враќањето и дополнителното плаќање на акцизата, како и за акцизната постапка.